• четврток, 26 декември 2024

„Ролинг стоунс“ нема да ја пеат „Brown Sugar" на турнејата во САД

„Ролинг стоунс“ нема да ја пеат „Brown Sugar
Лос Анџелес, 14 октомври 2021 (МИА) - „Ролинг стоунс“ за време на американската турнеја нема да ја изведуваат песната „Brown Sugar" (кафеав шеќер) - еден од нивните најголеми хитови. Ова се должи на загриженоста за тоа како се претставени Афроамериканките и алузиите за ропството во песната, која инаку беше број еден на топ-листите во САД, 1971 година, и го достигна второто место во Велика Британија. Ветеранот Кит Ричардс ја потврди одлуката за „Лос Анџелес тајмс“, но рече дека бил збунет оти луѓето сакаат „да ја закопаат“ песната. - Зарем не сфатија дека тоа е песна за ужасите на ропството?! Се надевам, ќе успееме да ја воскреснеме песната во нејзина слава, Рече гитаристот. Пејачот и писател сер Мик Џегер, за весникот изјави дека причината што не ја изведуваат песната е тоа што „тешко е да се состави соодветна листа за на стадион“. - Песната засега може да биде исфрлена од репертоарот, па ќе видиме како ќе оди. Можеме и да ја вратиме, рече тој. Продуцентот Јан Бренан, меѓу другите, ја критикуваше песната која, наводно, „го велича ропството, силувањето, тортурата и педофилијата“. - Повикот не е за цензура или авторски права, туку за поголема свест и чувствителност. Овој конкретен случај е далеку од пребирливост, ситници или потрага по грешка во крајните агли на нечија приказна. „Brown Sugar“ не е само „парче“ од другата страна на плочата, рече Бренан за рок-хитот. Песната на „Спотифај“ е слушната речиси 170 милиони пати.  си/сд/

Остани поврзан