• четврток, 10 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Роднините на загинатите и повредените во пожарите во близина на Атина: Седум години подоцна не го знаеме точниот број на жртвите

Роднините на загинатите и повредените во пожарите во близина на Атина: Седум години подоцна не го знаеме точниот број на жртвите

Атина, 7 април 2025 (МИА) – Колку точно загинаа во пожарот во источниот дел на областа Атика, на 23 јули 2018 година?, е прашањето што го поставуваат од Здружението на роднините на загинатите и повредените во пожарот и парлалелно посочуваат дека според документите и информациите што ги имаат „станува збор за уште најмалку 14 до 18 мртви, чии делови од тела и биолошки материјали се пронајдени, но не се идентификувани“, јави дописничката на МИА од Атина.

Речиси седум години по трагичниот пожар во кој официјално 104 лица ги загубија животите, а 57 се здобија со изгореници, членовите на Управниот одбор на здружението денеска одржаа прес-конференција на која информираа и за судскиот процес што е во тек на втор степен, но и за пожарот, условите, околностите, како и за пропустите на надлежните, а паралелно истакнаа дека бараат правда. 

-Повеќето од нас бевме заедно во пожарот, ги видовме нашите луѓе кои гореа или се давеа, ги слушавме нивните крици, кои се мешаа со нашите додека и самите горевме и се губевме, додека нашите напори да си помогнеме не беа доволни, рече претседателката на здружението Кали Анагносту, нагласувајќи дека биле оставени да изгорат и да умрат без никаква помош.

Софиа Хамилотори од Здружението посочи дека една од нивните главни цели согласно статутот е „целосно откривање на вистината за што точно се случи на 23 јули 2018 година“ истакна дека едно од најголемите прашања е колку се мртви и објасни дека имаат информации за масовна гробница, откако, од надлежната општина, по поднесено барање, добиле допис со одлука на заменикот-градоначалник со кое „е одлучено да се издаде дозвола за погреб на делови од човечки тела и биолошки материјал, како последица од пожарот“.

-Судскиот процес се води во една многу конкретна рамка, на пример се суди за 102 загинати, а не за 104 колку што се идентификувани и како што информиравме денеска постојат најмалку 14-18 неидентификувани делови од човечко тело, кои никогаш не беа идентификувани и се надеваме судот да ја види големата слика, да ја види реалната одговорност и оперативна и политичка, рече Хамилотори, истакнувајќи дека „кусо пред пресудата сè уште не е излезена на виделина целата вистина“.

Судењето е во тек на втор степен по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда на судот, процесот започна во јули минатата година, а минатиот месец обвинителката пред тричлениот Апелационен суд за прекршоци ги соопшти предлозите, односно 12 лицаод 21 обвинет, меѓу кои и припадници на противпожарната служба, тогашната регинална управничка на периферијата Атика, тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, како и тогашниот градоначалник на надлежната општина да бидат прогласени за виновни.

Во првостепената пресуда од лани, 15 обвинети беа ослободени, а шестмина добија петгодишна затворска казна што можеа да ја откупат за околу 40.000 евра. 

Тогаш осудени беа поранешниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, како и други функционери од службата кои биле на клучни позиции, а меѓу оние кои беа ослободени беа тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, префектот на периферијата Атика, како и градоначалниците на општините зафатени од пожарот.

Во пожарот кај Мати во јули 2018 година, што е еден од најкатастрофалните во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви, загинаа 104 лица, 57 се здобија со сериозни изгореници. ср/рп/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан