• вторник, 12 ноември 2024

Роде: Политиката на Српска листа е неконструктивна, треба да се подготви за последици

Роде: Политиката на Српска листа е неконструктивна, треба да се подготви за последици

Приштина, 10 април 2024 (МИА) – Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде изјави дека одлуката на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа да го бојкотира гласањето за разрешување на градоначалниците во четирите општини на северот на земјата не е конструктивна политика и им штети на Србите од тој дел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Роде во интервју за косовската јавна телевизија РТК синоќа изјави дека во изминатите 18 месеци „има само бојкот“ и дека Српска листа по повторениот повик за бојкот „треба да се подготви и за последици“.

- Во правна држава, ако немаш моќ да ги промениш работите, бојкотот е најмалку потребен. Затоа, ги повикуваме сите граѓани и политички партии на северот да дадат сé од себе за да учествуваат во овој процес и истиот да го заокружат. Посакуваме да има резултат за да се изберат градоначалници и општински собранија, што ќе ја одрази волјата на мнозинството од жителите таму, а во моментов не е така. И ова со бојкот и повикот за бојкот, оди во сосема друга насока. Осумнаесет месеци имаме само бојкот и тоа не е конструктивна политика, рече Роде.

Германскиот дипломат цени дека Владата на Косово им понудила демократски процес на Србите од северот и вели дека тие треба да ја прифатат оваа понуда.

- Сега очекуваме да го прифатат ова. Не гледам зошто тоа да не се случи. Ако Српската листа повикува на бојкот, тогаш мора да и одговара за последиците, изјави Роде.

Србите и српските партии ги бојкотираа општинските избори во четирите општини со мнозинско српско население во Косово – Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток - одржани на 23 април 2023 година.

По поставувањето на градоначалниците Албанци во општинските згради, со асистенција на полицијата, Србите предизвикаа немири на северот.

Подоцна се појави барањето за одржување нови избори, за што се изготви административното упатство, врз основа на кое е покрената петиција за разрешување на градоначалниците, по што, доколку се изгласа разрешувањето, ќе се распишат нови градоначалнички избори во четирите општини.иа/сд/

Остани поврзан