• четврток, 26 декември 2024

Роде: Косово и Србија да си ги исполнат обврските преземени со договорот од Брисел

Роде: Косово и Србија да си ги исполнат обврските преземени со договорот од Брисел

Приштина, 12 декември 2023 (МИА) – Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде вели дека во моментов не треба да се разговара за тоа дали некој треба да го потпише договорот меѓу Косово и Србија од Брисел и анексот од Охрид, од февруари односно март годинава, туку за нивната имплементација, и од страна на Косово и од страна на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за РТВ21, Роде ја истакна, како што рече, големата важност на имплементацијата на договорот и анексот, за да се напредува во напорите за стабилизација на односите меѓу Косово и Србија и порача дека и двете земји „мора“ да ги исполнат своите обврски.

- И претходно кажав, сега ни треба имплементација, а не дискусија како ќе стигнеме дотаму. Затоа што претходно имаше многу договори кои беа потпишани, но не беа спроведени. Затоа сега сме фокусирани на имплементацијата. Сега ја гледаме имплементацијата на енергетското упатство, исто така и имплементацијата која подразбира дека луѓето ги менуваат регистарските таблички. За нас е битна имплементацијата на договорот од Брисел и Охрид. Косово мора да си ја заврши задачата, а исто така и Србија, рече Роде.

Германскиот дипломатски претставник во Приштина побара од Владата на Албин Курти да ја исполни својата обврска за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, како главен предуслов за постигнување напредок во преговорите со Србија, кои се водат со посредство на Европската унија.

- Тоа од Косово го очекуваат ЕУ, Германија и сите негови блиски партнери. Обврска на Косово од 2015 година е формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, а и главен дел за Косово од договорите во Брисел и Охрид, е формирањето на Заедницата... Како што рековме... и другата страна, Србија, мора да ги ги изврши своите обврски, рече Роде.

Според германскиот амбасадор, решението за тензиите на северот на Косово, населен со мнозинско српско население, е преку процесот на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград и формирањето на Заедницата.

Од Владата на Косово порачуваат дека нема да ја формираат Заедницата на српски општини се додека официјален Белград не го потпише договорот постигнат во февруари и анексот од март годинава, за кои на средбите во Брисел и Охрид се согласија косовскиот премиер, Курти и претседателот на  Србија, Александар Вучиќ. иа/сд/

Остани поврзан