• четврток, 12 февруари 2026

Робот полицаец патролира низ кинеските градови

Робот полицаец патролира низ кинеските градови

Пекинг, 6 февруари 2026 (МИА) - Хуманоиден робот полициски сообраќаец почна да патролира на улиците во градот Вуху, на истокот на Кина. Опремен со униформа, флуоресцентен елек, бела капа и значка „Интелигентна полициска единица Р001“ роботот може гласовно да ги предупреди велосипедистите да користат патека за немоторизирани возила.

Според сообраќајниот полицаец Џијанг Зихао, тој е нов колега способен ефективно да помогне. Роботот е интегриран во градскиот систем за сообраќајни сигнали и може да извршува стандардни гестови на сообраќајни наредби, синхронизирани со светлата.

Со квалитетни камери и интелигентен систем за емитување глас роботот самостојно ги идентификува прекршоците на пешаците и немоторизираните возила, дава предупредувања на самото место и може да го следи недозволеното паркирање. Тој самостојно се движи до одредени локации и работи непрекинато, што ја намалува оптовареноста на полицијата, особено за време на сообраќајниот метеж или во екстремни временски услови. Минатата година и други кинески градови, како Ченгду и Хангџоу, воведоа роботи полицајци за патролирање со цел Кина да ја применува вештачката интелигенција во реалниот живот. мв/мс/

Фото: Јутјуб- принтскрин

Остани поврзан