• среда, 25 декември 2024

РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Од јануари заклучно со 31 октомври 2024 година Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) има издадено лиценци за нови фотоволтаични централи со вкупно инсталирана моќност од скоро 272 мегавати.

Согласно РКЕ, за десет месеци низ регулаторниот филтер поминати се вкупно 254 барања од приватни инвеститори кои ја имаат комплетирано потребната документација и за кои се издадени лиценци за нови фотоволтаични централи за производство на електрична енергија од обновливи извори.

- РКЕ согласно Законот за енергетика во своја надлежност издава лиценци и носи одлуки за менување, пренесување, продолжување, суспендирање, одземање и престанок на лиценци за вршење на одделни дејности од областа на енергетиката, како и за издавање на привремени лиценци и лиценци за пробна работа. РКЕ водејќи се од начелото на транспарентност, достапност и јавност има изготвено обрасци за сите приватни инвеститори во кои се наведени потребните документи со цел да се поедностави процесот во доставување на комплетни барања за добивање на соодветна лиценца, стои во соопштението од РКЕ.

РКЕ во 2023 година има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 мегавати, додека во 2022 година се издадени лиценци за 152,2 мегавати. мд/цр

Фото: МИА архива 

Остани поврзан