• сабота, 23 ноември 2024

Ристовски одговори на суспензијата од МОК: Казна базирана на страв и немоќ

Ристовски одговори на суспензијата од МОК: Казна базирана на страв и немоќ

Скопје, 28 април 2023 (МИА) – Голманот на ракометниот првак Вардар 1961 и поранешен долгогодишен македонски репрезентативец, Борко Ристовски, денеска на прес – конференција одговори на суспензијата која му ја изрече Македонскиот олимписки комитет (МОК), нарекувајќи ја правно неиздржана казна зад која се затскрива нејзиниот претседател во обид да го заплаши и замолчи.

Реакцијата на Ристовски доаѓа откако претходно оваа недела МОК му изрече четиригодишна суспензија поради „изнесување груби лаги, клевети, невистини и ширење неточни информации на адреса на претседателот на МОК, Даниел Димевски“. Барањето за поведување дисциплинска постапка против Ристовски беше поднесено од Димевски на 17 март, две недели по гостување на прославениот ракометен голман како „претставник на политичка партија во телевизиска емисија“.

- Изречената казна се базира на страв и немоќ, и не е правно издржана. Димевски можеби мисли дека со оваа казна ќе ме одврати од намерата да го завршам тоа што сум го почнал. Човекот кој знае дека има многу индиции за сторен криминал, по едно мое телевизиско гостување одлучи да се затскрива зад МОК, доведувајќи ја со тоа оваа институција во подредена ситуација, истакна Ристовски.

Тој посочи дека изречената суспензија само дополнително ќе го мотивира во, како што рече, личната борба да се тргнат луѓето како Димевски од македонскиот спорт.

- Тоа е моја интерна борба, за да се тргнат ваквите луѓе од спортот. Мислам дека Даниел Димевски се прецени, треба добро да го знае човекот кого го напаѓа. Можеби мислеше дека ќе ме замолчи, но само ми даде сила да излезам со сите документи. Не знам со кого Димевски си имал работа досега, но јас се познавам себе и нема да се откажам од намерата него да го нема повеќе во македонскиот спорт, рече Ристовски изнесувајќи на средбата со новинарите документи во кои, според него, се содржат незаконски активности на Димевски.

Ристовски најави дека по консултации со својот адвокатски тим донел одлуката да го тужи МОК пред Меѓународниот суд за спортска арбитража во Лозана, а отштетната сума од 180.000 до 230.000 евра, како што ја најави, ќе ја донира на ракометниот и фудбалскиот тим Вардар.

Ристовски беше долгогодишен македонски репрезентативец со 155 настапи во националниот дрес, а на клупски план голманот на Вардар 1961 настапуваше и за скопски Металург, Гумерсбах, Рајн Некар Левен, Барселона и Бенфика. ег/ар

ФОТО: МИА

Остани поврзан