• недела, 24 ноември 2024

Ривал на палестинскиот претседател вети 20.000 руски вакцини на Појасот Газа

Ривал на палестинскиот претседател вети 20.000 руски вакцини на Појасот Газа
Газа, 18 февруари 2021 (МИА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе испратат 20.000 руски вакцини против коронавирус во Појасот Газа, најави денеска Мухамед Далан, ривал на палестинскиот претседател Махмуд Абас, што може да влијае на претстојните палестински избори.
На најавата на Далан претходеше првото доставување на 2.000 вакцини во Појасот Газа во средата.
Поранешниот висок функционер во партијата Фатах на Абас, Далан живее во егзил во Абу Даби откако се скара со Абас во 2011 година и во отсуство беше осуден на три години затвор за наводна проневера.
Палестинските парламентарни избори, први по 15 години, се планирани за мај, а на нив Фатах ќе се спротивстави на исламската екстремистичка Хамас, која владее со Појасот Газа.
Абас го блокираше учеството на Далан на изборите, но сојузниците на Далан планираат да учествуваат како „Блок на демократските реформи“ кој се оддели од Фатах.
Хамас им дозволи на приврзаниците на Далан да извршуваат хуманитарни проекти во Газа, област под блокада на Израел и Египет, каде се пријавени над 53.000 случаи на инфекција од почетокот на пандемијата на вирусот и најмалку 538 починати. паг/
   

Остани поврзан