• четврток, 26 декември 2024

Риболовците од Крива Паланка организираат локално дружење со еколошка акција

Риболовците од Крива Паланка организираат локално дружење со еколошка акција

Крива Паланка, 26 јули 2020 (МИА) –  Спортско-рекреативниот риболовен клуб „Мрена“ од Крива Паланка организира неформално локално дружење на риболовците на браната отошница на кое ќе се спроведе и еколошка акција.

-Поради пандемијата со Ковид-19 изминатите неколку месеци беа запрени сите активности на риболовното друштво, но согласно протоколите се организиравме и планираме да отпочнеме со мало придвижување и активација на нашите членови. На планираното локално дружење закажано за први август на браната Отошница на Отошничка Река можат да учествуваат сите членови на „Мрена“ кои имаат платено годишна чланарина за 2020 година, информира Зоран Стоилковски, престедател на ЗСРРК „Мрена“, Крива Паланка.

Стоилковски додаде дека активноста ќе се реализира со најмногу 25 луѓе, согласно сите мерки и протоколи за заштита пропишани од Владата и Министерството за здравство.

-На ова дружење воедно ќе организираме и мала еколошка акција за расчистување на околината на Отошничка брана, бидејќи сите ние кои ја користиме треба и да ја одржуавме чиста, и за нас и за сите посетители кои периодов, во услови на пандемијата, се почесто долучуваат да посетат вакви и слични туристичко-излетнички места во нашата држава, појасни тој.

Заинтересираните можат да се пријават до 30 јули 2020, кај Зоран Стоилковски.

Браната Отошница е популарно место во општина Ранковце за спортско-рекреативен риболов и за туризам. Истата изобилува со околу 15 вида риба меѓу кои: крап, клен, попадика, вардарка, мрена, плашица, црвеноперка, пастрмка и разни други риби.ид/бт/

Остани поврзан