• четврток, 26 декември 2024

Реџепи: На добар пат сме да најдеме решение за законот за државјанство

Реџепи: На добар пат сме да најдеме решение за законот за државјанство

Скопје, 31 март 2021 (МИА) – На добар пат сме кон изнаоѓање законско решение за државјанство како постојана законска рамка преку која сите граѓани на кои досега им беше оневозможено добивање државјанство и живеење достоинствен живот во државата, ќе може да го добијат, изјави пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива. 

Тој во изјавата по средбата што се одржа во Собранието со пратеничката група на СДСМ и премиерот Зоран Заев истакна дека од Владата имало предлог да има закон со преодна одредба, што, како што рече, заедно со коалицискиот партнер Алијанса за Албанците, ќе го разгледаат. Истовремено, побарале Владата да разгледа неколку точки што тие ги предложиле и да се дојде до некаков компромис. 

-Не ни е цел како коалиција да бидеме црни овци кои ќе кочат и блокираат закони, туку да бидеме оние кои ќе им служат на лицата на кои им е блокирано правото на државјанство и на живеење. Ќе седнеме како пратеничка група да ги разгледаме сите опции кои се отворени на средбата, рече Реџепи. 

Тој не сакаше да говори колкав е бројот на граѓаните кои немаат државјанство. За тоа рече, надлежни се институциите. 

-Бројката е многу ирелевантна поради фактот што согласно Меѓународната конвенција на ОН ниту еден граѓанин не смее да биде без државјанство. За нас е битен поединецот исто толку колку е битно и ако се во прашање 10 илјади или 100 илјади граѓани. Недозволиво е да кажуваме бројка бидејќи не сме институција, но и за институциите не е дозволиво да не им овозможат на граѓаните да остварат право на државјанство, потенцира пратеникот Реџепи.  

Според него, актуелното решение што го имаат предложено и поради чие недонесување ги блокираат другите закони во Собранието, може со комисиски амндмани да се дорегулира.  

-Нема потреба да се носи ново законско решение, но и тоа може да се случи ако се појави таква потреба ќе одлучиме заедно како пратеничка група во координација со власта, истакна Реџепи.   

Во врска со пописот тој го повтори ставот на двете партии дека не требало да се одложи. Одлуката за одложувањето, рече, е чисто политичка, а не од здравствени причинии, и е поради тоа што, како што истакна во дијаспората се попишале поголем број Албанци од Македонци. 

Најави дека ќе ги искористат сите демократски можности да го блокираат одложувањето на оваа статистичка процедура. сст/фф/

Остани поврзан