• среда, 25 декември 2024

Речиси 50 земји со заедничка изјава во одговор на настапот на Лвова-Белова, детски омбудсман на Русија обвинета за воени злосторства од МКС

Речиси 50 земји со заедничка изјава во одговор на настапот на Лвова-Белова, детски омбудсман на Русија обвинета за воени злосторства од МКС

Вашингтон, 6 април 2023 (МИА) - САД, ЕУ, и уште 48 земји излегоа со заедничка изјава по заседанието на Советот за безбедност свикано синоќа од Русија на кое настапи Марија Лвова-Белова, руски детски омбудсман која одговара директно на претседателот Владимир Путин, обвинета за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд.

-Русија и понатаму ќе ги злоупотребува надлежностите и привилегиите на постојана членка на Советот за безбедност на ОН да шири дезинформации за опсежното киднапирање и незаконска принудна депортација на илјадници украински деца. Русија ќе се обидува да ги претстави своите дејствија во Украина како согласни меѓународното право и правата на децата, се вели во изјавата.

Документот посочува дека повеќе извори кои заслужуваат доверба, вклучително и Меѓународниот кривичен суд, Меѓународната комисија за истрага на случувањата во Украина, академски институции, авторитетни медиуми и независни невладини организации посочиле на бесправната и организирана од Русија принудна депортација на деца од Украина во Русија.

-Овие дејствија за прекор се случуваат во контекст на опсежната инвазија и незаконска војна на агресија на Русија против Украина, што ние беспоговорно ги осудуваме. Никаква дезинформација од страна на Русија нема да ја порекне вистината по ова прашање, или да ги огради луѓето од одговорност за овие злодела, пишува во заедничката изјава.

Потпишана е од Андора, Бугарија, Франција, Германија, Грузија, Црна Гора, Велика Британија, Јужна Кореја, САД и други земји.

Синоќа заврши неформалното заседание на СБ на ОН на тема „евакуација на деца од зоната на конфликтот“ организирано од Русија, како сегашен претседавач на СБ. Дипломатите од Велика Британија го блокираа видео линкот од заседанието по кој настапуваше Лвова-Белова. Амбасадорите на САД и Велика Британија ја напуштија седницата додека таа настапуваше.

МКС на 17 март поднесе налог за апсење на Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, обвинети за воено злосторство бесправна депортација на украински деца и нивно одделување од законските родители, извршено на териториите контролирани од Русија. кб/

Остани поврзан