• среда, 27 ноември 2024

Реформа на националната Пошта и укинување на монополот за конкурентен поштенски пазар

Реформа на националната Пошта и укинување на монополот за конкурентен поштенски пазар
Скопје, 7 ноември 2020 (МИА) - Евентуалната приватизација или јавно-приватно партнерство на националната Пошта за што во наредниот период ќе се изработува физибилити студија  првично нема да влијае на намалување на цената на универзалната услуга. Но овој процес, според надлежните, треба да го унапреди квалитетот на работата и зголемување на портфолиото на услугите на националниот оператор и тој да настапува по исти правила на пазарот како и приватните оператори. Тоа би овозможило попрофитабилно работење на државната компанија која бележи загуби. Владата го најави процесот за реструктуирање на поштата со измени на Законот за поштенски сообраќај , со коишто истовремено овозможува шесто одложување на  целосната либерализација на поштенскиот пазар. Пошта на РСМ и натаму ќе го задржи екслузивитетот во цената на резервираните поштенски услуги што опфаќаат прием, пренос и врачување на пратки за коресподенција (писма и поштенски картички)  и пратки на директна пошта до 50 грама. И приватните поштенски оператори имаат право да ја извршуваат резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзалната услуга носител на индивидуална дозвола ги обезбедува пратките од резервираниот дел. -Приватизацијата на Поштата во првиот момент нема да  влијание на цените на универзалната услуга (поштенски пратки до 2 килограми и пакети до 10 килограми) кои мора да ги исполнуваат критериумите утврдени со Законот за поштенските услуги  (цените треба да  бидат пристапни, базирани на трошоци, транспарентни, утврдени на недискриминаторска основа и еднакви за сите корисници на целата територија). За секоја промена на овие цени, Пошта на Северна Македонија мора да добие одобрение од регулаторот.  Доколку давателот на универзалната услуга, во понатамошното работење, го промени портфолиото на своите услуги или оправдано ги зголеми/намали трошоците на работењето, може да ги промени цените на универзалната услуга, само со одобрение од регулаторот, вели за МИА директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска. Цените на услугите, кои се надвор од универзалната услуга, не се одобруваат од страна на Агенцијата, односно се утврдуваат на слободен пазар. Тие цени ги утврдуваат самите даватели  на поштенски услуги и на нивната висина влијаат пазарните механизми на понуда и побарувачка, карактеристични за слободната пазарна конкуренција. Во предлог измените  на Законот за поштенските услуги со кои се предвидува повторно одложување на целосната либерализаација на поштенскиот пазар стои дека националниот оператор нема технички можности, односно нема обезбедено систем за вршење на посебно сметководство кој покрај другото детално ќе дава приказ на трошоците за обезбедување на услуги, а ценовната политика ќе се базира на претпоставен трошок. Исто така, стои во законот, непостоењето на системот за посебно сметководство и алокација на трошоци, истовремено значи и неможност за користење на компензацискиот фонд како право на надомест на нето трошоците што настанале со обезбедувањето на универзалната услуга доколку давателот на универзалната поштенска услуга докаже дека трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година. Како и во претходните образложенија за одложувањето на либерализацијата и во сегашното се наведувадека  АД Пошти на Република Северна Македонија се одликува со постоење на „гломазен“ систем кој го оневозможува и успорува долгиот и скап процес на реорганизација, и тоа во насока на: унапредување на работењето;  соодветно справување со конкуренцијата и нејзино полесно адаптирање кон работењето согласно сите правила за претприемништво и работа во услови на слободна пазарна економија. Оставен е простор, националниот оператор да инвестира во осовременување на поштенската мрежа и во креирањето и на други (нови) услуги, што ќе придонесе за неговата одржливост преку давање на поквалитетни поштенски услуги за граѓаните. Од Агенцијата за пошти редовно ја следат финансиската состојба на давателот на универзалната услуга, преку годишните извештаи кои има обврска да ги доставува до регулаторот. Притоа, појаснуваат, следењето на финансиската состојба и финансиските извештаи на АД Пошта на Северна Македонија е во функција на утврдување дали давателот на универзалната услуга ги субвенционира другите услуги со приходите кои ги обезбедува од универзалната услуга. Во оваа насока потсетуваат дека со години наназад укажуваат на потребата од имплементација на систем за посебно сметководство кој би обезбедил детална и реална слика за трошоците и целокупното финансиско работење на Пошта, а тоа ќе придонесе и за негово поуспешно и поефикасно работење. -Агенцијата за пошти смета дека АД Пошта на Северна Македонија треба стратешки да го промени фокусот на своето работење и акцентот да го стави на поголемо учество на пазарот на пакети како најбрзорастечки сегмент од поштенскиот пазар. Имено, кај пакетите во внатрешен соообраќај приматот убедливо (во сооднос 90:10) го имаат приватните даватели на поштенските услуги  пред  АД Пошта на Северна Македонија. Новата конкуренција на пазарот донесе нови, иновативни услуги и технички решенија какви што бараат корисниците и секако во чекор со новите технологии. Кога компаниите се натпреваруваат на овој начин за освојување на клиентите, тогаш ефикасноста на услугата го има главниот збор пред цената. Што значи, потребно е значително подигнување на квалитетот на поштенските услуги и зголемување на портфолиото на услуги кои ќе ги обезбедува давателот на универзалната услуга. Како сето ова може да се постигне е прашање за сопствениците на давателот на универзалната услуга. Таков поштенски пазар очекуваме по конечното укинување на монополот за писма до 50 грама, и таа либерализација е наша постојана заложба уште од 2008 година, вели Аврамовска Ѓоревска. Агенцијата за пошти, посочува, ја почитува законската регулатива и има подготвено подзаконски акти и решенија кои мора да се почитуваат и од страна на давателот на универзалната услуга, без разлика на неговата сопственичка структура. Постојано работиме, укажува, на креирање  регулаторен амбиент кој на корисниците на услуги на АД Пошта на СМ ќе им го гарантира остварувањето на законските права на ефективни услуги по пристапни цени и квалитетна достава. Агенцијата за пошти во рамките на Твининг проектот кој се реализираше 2019/2020 година, се подготвуваше за работа на регулаторот во либерализиран пазар. -Искуствата од шпанските експерти од проектот, но и од соработката со сите регулаторни тела во Европа, покажаа дека како резултат на несоодветното решение од 2010 година на АД Пошта на Северна Македонија, како на ретко која друга национална пошта во Европа, и била ускратена можноста да користи државна помош. Имено речиси сите држави во Европа им наплаќаат на годишно ниво значителни суми на државна помош – компезација на нето трошоци, на своите национална даватели на универзална услуга, без разлика дали се делумно приватизирани и се целосно во државна сопственост. Агенцијата за пошти цврсто стои на сопствената инцијатива и идеа, која во многу наврати е потенцирана дека во следната измена на Законот за поштенските услуги мора да се вгради и вакво решение во корист на компанијата. Во тој контекст, во неколку прилики има истакнато дека работиме на измени и дополнувања на Законот за поштенски услуги, кои ќе бидат доставени до  надлежното  Министерство за транспорт и врски, во кои меѓудругото  ќе биде предложено и споменатото решение, вели Аврамовска Ѓоревска. Потсетува дека ковид кризата покажа колку се неопходни поштенските услуги за основното функционирање на националните економии односно дека домашната поштенска индустрија е една од  клучните за одржување на економијата, секако со користење на поштенската мрежа како критична инфраструктура на државата. -Прекинот на патничките авио летови и рестрикциите во патниот сообраќај особено негативно се одразија на меѓународните поштенски услуги на Пошта на Северна Македонија, бидејќи во нашата држава нема ни карго летови. Искрено се надеваме дека овие состојби ќе се надминат и разрешат, во интерес на потребите на корисниците за непречено обезбедување на универзалната услуга кон и од државата. И денеска можеби немаше да зборуваме на темава доколку во изминативе 10-12 години државата инсистираше докрај на зацртаните политики и ја реформираше АД Пошта на Северна Македонија, која е се уште во 100 процентна во државна сопственост, вели директорката на Агенцијата за пошти. Во неодамна објавениот извештај на ЕК се наведува дека поштенскиот пазар во државава е делумно отворен и оти целосната либерализација на пазарот на поштенските услуги е повторно одложена до 1 јануари 2021 година. -Давателот на универзалната услуга – Пошта  на Северна Македонија го покрива односно има обем од 90 проценти  од поштенскиот пазар. Во 2019 година на пазарот работеле 43 компании односно лиценцирани даватели за обезбедување на различни услуги и со различна географска покриеност. И покрај големиот број даватели на поштенски услуги, евидентно е дека давателот на универзалната услуга има големо значење на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија со оглед на податокот дека 90 проценти од пазарот го остварува токму давателот на универзалната услуга. Потреба од стабилен давател на универзалната услуга е неопходна, а посебно во денешните услови на зголемена on line  нарачки  и потреба до достава на домашна адреса, стои во извештајот. И претставниците од приватниот поштенски сектор истакнуваат дека час поскоро е потребна либерализација на поштенскиот пазар, процес кој не е врзан со планираната приватизација или јавно приватно партнерство со оглед на фактот што еден од условите за преговорите за членство во ЕУ е укинување на државните монополи. -Друго прашање е колку државната пошта и приватните поштенски оператори се способни тоа да го спроведат на терен, од аспект на кадар, опременост, знаење на поштенските оператори, нивна локациска поставеност во сите делови на државата каде треба да се обезбеди редовна поштенска услуга и достапност до граѓаните. Тоа се прашања што ќе треба да се решат за да соодветно се одговори на предизвикот за либерализација на поштенскиот пазар кој секако ќе дојде и покрај долгодишното одложување, вели за МИА Александар Милошевски, претставник на приватен поштенски оператор. -Самата либерализација ќе доведе до регулација на делот на поштенските услуги во резервирана област, а тоа се однесува на писма и пратки до 50 грама, во тој дел може ќе се прошири и даде можност, но сепак главниот акцент на либерализацијата е во делот проширување на опсегот на работа на приватните оператори со нудење на конкурентна цена и секако конкурентен квалитет којшто сметаме дека треба да има влијание на пазарот наспроти државната пошта, дополнува Милошовски. Изборот на моделот за приватизација или јавна приватно партнерство, како што оценува, треба да биде подолгорочен процес во којшто државата ќе одлучува од економски и социјален аспект со оглед на големиот број вработени и на база на сето тоа да се избере вистинскиот модел. Кој и да е модел ќе влиаје на подобрување на квалитетот на услугата што го дава државниот, а во иднина приватниот оператор или со јавно приватно партнерство.  -Не треба да се брза и да се носат брзи решенија, со отворена дебата и дискусија да се најде вистинскиот модел за решавање на состојбата на една државна компанија што според резултатите не е баш во најдобра финансиска состојба. Во тој процес сметаме дека државата ќе  најде начин да го слушне и гласот на приватните поштенски оператори, потенцира Милошовски. Како што најавија од Владата, моделот што ќе биде одбран за реструктуирање на компанијата, треба да овозможи премин од нерентабилно во рентабилно работење. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој го координира тимот за планираното реструктуирање на Поштата недела изјави дека одлука околу иднината на ова државно претпријатие би имало во првиот или вториот квартал годинава. – Моделот кој ќе биде избран е јавно-приватно партнерство или евентуално приватизација. Станува збор за процес кој што само што е почнат. Мислам дека во првиот или вториот квартал на 2021 година ќе имаме конечна одлука, рече Битиќи. Како успешни примери на менаџирање на поштите при најавите на овој процес од Владата ги наведоа Словенија, Австрија, Германија, Полска. Сите даватели на универзална услуга на поштенскиот пазар во нашиот регион се во државна сопственост (Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Албанија, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина), додека поштенскиот пазар не е либерализиран единствено во нашата земја, Србија и Босна и Херцеговина. Лидија Велковска 

Остани поврзан