• сабота, 28 декември 2024

Од денеска основните производи со „одмрзнати“ цени, поскапувања не се очекуваат

Од денеска основните производи со „одмрзнати“ цени, поскапувања не се очекуваат

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Од денеска престанува да важи владината одлука со која беа замрзнати цените на некои земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи. Се „одмрзнуваат“ и цените на пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња и хигиенските влошки.

Надлежните уверуваат дека поскапувања на овие производи нема да има, а доколку тоа се случи, веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки. Ситуацијата се следи на дневна основа и оценката е дека засега нема простор за големи ценовни осцилации.

Минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале 50.070 денари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија.

-Согласно податоците што ги имаме, цените на повеќето производи се и пониски од нивото на замрзнаување кое сме го имале претходно. Ако од денот кога нема да важи одлуката за замрзнување има злоупотреба од страна на трговците, секако ќе следат различни мерки, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Според него, непродолжувањето на мерката за замрзнатите цени на основните производи се должи, меѓу другото, и на наглиот пад на инфлацијата во земјава, особено на прехранбените производи.

Очекувањето на Министерството за економија е инфлацијата во јуни да биде пониска од 10 посто, а Бектеши е оптимист дека вкупната инфлација за цела година ќе биде пониска од проектираната.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека нема услови да се зголемат цените на производите по одмрзнувањето. Додава и дека Владата ќе реагира ако за тоа има потреба.

За пекарската индустрија од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ зашто и онака 75 отсто од производството се изведува во ноќните часови.

-Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали се направени, сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на којашто беше. Цената на суровини на светските берзи е намалена. Тоа значи дека и тие што произведуваат, но и тие што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени,  како што беа замрзнатите цени, дури и да бидат намалени. Ние видовме дека на пазарот со зеленчук, природно се намалија дури за 40 проценти од замрзнатите цени и затоа одлуката е да се одмрзнат, напомена Битиќи.

Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи. На 21 март стапи во сила и одлуката за замрзнување на цените на оризот и јајцата, додека на 5 април беа замрзнати цените и на 11-те видови овошје и зеленчук. мч/са/

фото: МИА

 

Остани поврзан