• четврток, 26 декември 2024

Реставрација и конзервација на неколку точки на Скопскиот Аквадукт во Визбегово

Реставрација и конзервација на неколку точки на Скопскиот Аквадукт во Визбегово

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Со поддршка од Амбасадорскиот фонд на САД ќе почне реставрацијата и конзервацијата на неколку точки на Скопскиот Аквадукт во Визбегово. Ќе се започне со работа на осум точки на Аквадуктот, а одговорен за проектот е Конзерваторскиот центар Скопје. Амбасадорскиот фонд на САД за овој проект има обезбедно грант од 200 илјади долари.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој денеска го посети Аквадуктот, изрази благодарност до Амбасадата на САД за помошта што ја даваат за реконструкција и обновување на значајни споменици на културата, како и за помошта на културното наследство во земјата.

- Министерството за култура и туризам се вклучува континуирано и во зачувување на овој значаен споменик. Ќе продолжиме и понатаму да работиме заеднички на овие значајни проекти, затоа што овој споменик на културата издржал толку многу низ времињата и ќе биде жалосно да останеме на тоа ниво, да не помагаме во иднина да го чуваме, рече Љутков.

Покрај осумте точки на кои ќе се работи, континуирано ќе продолжи да се работи и на останатите. Завршувањето на проектот, како што изјави министерот Љутков, најмногу ќе зависи од временските услови, но се надева дека ќе се заврши за пократок период. Според Љутков, 2025 година ќе биде успешна во делот на заштитата на културно наследство.

На новинарско прашање дали се планира да биде заштитена и самата локација каде што се наоѓа Аквадуктот, Љутков одговори дека во 2025 година ќе се работи и на локацијата на самиот објект.

- Имаме обезбедено поголеми средства за експропријација на ова земјиште. Бидејќи голем дел од земјиштето се приватни имоти, не можеме во моментот да интервенираме таму, но во програмата за 2025 година токму ова ќе биде меѓу приоритетитните активности, да се работи на двете позиции, едната позиција се арките, а другата позиција се земјиштето, рече Љутков.

Прашан како овој објект ќе биде промовиран во рамки на туризмот, Љутков рече дека се работи на тоа овој локалитет, како и други културно-историски локалитети во државата, да бидат во рамки на културно-туристичка понуда.

- Ова е туризмот и затоа сакаме да се изврши експропријација и ова земјиште да биде чисто за да може целото земјиште да биде затворено и на тој начин и ќе го заштитиме. Но, овој споменик мора да има и комерцијален аспект. Мора да има влез, мора да има приходи преку кои ќе биде и самоодржлив. Исто и за другите археолошки локалитети како што се Скупи, Стоби, Хераклеа.. имаме многу позиции што ни се речиси готови. Потребна ни е финална фаза да ги завршиме сите процеси и да ги ставиме да бидат во рамки на културно-туристичката посета, одговори Љутков.

Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска при посетата на Аквадуктот изјави дека е чест и привилегија да се даде поддршка за работа на еден ваков проект.

- Аквадуктот е исклучително важен за македонската историја и култура, поточно за историјата на регионот која датира од шестиот век. Станува збор за еден од најголемите аквадукти на Балканот. Горди сме што сме партнери со Министерството за култура и туризам, бидејќи е многу важно да се помогне во заштитата и да се обноват овие културни добра, за истите да бидат полесно достапни до граѓаните, до туристите, да можат да дојдат да го посетат Аквадуктот и да се запознаат со историјата на ова извонредна и софистицирана градба, рече Агелер.

Се надева дека и во иднина ќе продолжат да соработуваат со Министерството за култура и туризам за многу други проекти. - Ние даваме поддршка на вакви проекти, затоа што се грижиме за културното наследство во светски рамки. Споменикот во Кочани и Аквадуктот што ги посетивме денеска се важен дел од македонската културна историја, но исто така важни се и за нас и сакаме да се достапни и значајни за туристите кои ќе ги посетат. Луѓето во САД имаат висока почит кон вашата традиција и вашата култура и сакаме да бидеме дел и да помогнеме во заштитата на сите значајни културни добра, рече Агелер. бт/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан