Репортажа: Во посета на музејот на трojниот агент Душко Попов, вистинскиот Џејмс Бонд
- Движејќи се низ Војводина, блиску до Нови Бечеј, се наоѓа Ново Милошево, каде се наоѓа куќата каде што е роден и од каде потекнува тајниот агент Џејмс Бонд. Во суштина Џејмс Бонд е имагинарен лик, а тука е роден Душко Попов, човекот по чија животна приказна Ијан Флеминг го создадава ликот на британски шпион Џејмс Бонд. Денес родната куќа на Душко Попов претставува музеј во рамки на комплесот Музеј Жеравица, со оригинални експонати од неговиот живот, и пропратен материјал од филмовите за Џејмс Бонд.
Белград, 17 ноември 2024 (МИА) - Движејќи се низ Војводина, блиску до Нови Бечеј, се наоѓа Ново Милошево, каде се наоѓа куќата каде што е роден и од каде потекнува тајниот агент Џејмс Бонд. Во суштина Џејмс Бонд е имагинарен лик, а тука е роден Душко Попов, човекот по чија животна приказна Ијан Флеминг го создадава ликот на британски шпион Џејмс Бонд. Денес родната куќа на Душко Попов претставува музеј во рамки на комплексот Музеј Жеравица, со оригинални експонати од неговиот живот, и пропратен материјал од филмовите за Џејмс Бонд.
Шон Конери, Роџер Мур, Даниел Крег и сите оние кои го толкувале ликот на тајниот агент Џејмс Бонд, познат и како 007, веројатно би си го скршиле јазикот кога би требало да се претстават како Душко Попов.
Во реалниот живот, Попов за време на Втората светска војна бил трицикл-агент на британската тајна служба, во германскиот Абвер бил именуван како Иван, а во југословенската кралска влада како Душко.
-Плевна, Карлово, Драгутиново, Ново Милошево, ова сè се имиња за едно исто место, местото каде што живеел Душко Попов попознат планетарно како таен агент Џемс Бонд. Каква врска има приказната за Џејмс Бонд со Музејот Жеравица е многу едноставна и таа е базирана на тоа што тука се родил Душко Попов, на адресата на музејот Жеравица, во куќата која е изградена од неговиот дедо и во место во кое тие, Попови живееле три века наназад, ни предочи Ивана Зец, кустос во Музеј Жеравица.
Некои од поупатените дури тврдат дека животот на тројни агент Душко Попов бил повозбудлив од неговиот измислен колега. Екранизираните верзии на неговите авантури, секако, овозможија малку искривена и украсена слика, а исто така и интригантни детали кои ќе го задржат вниманието на гледачите. Режисерот Јан Флеминг го направи тоа прикажувајќи го агентот 007 како бескомпромисен заводник, љубител на висок живот, на казина и човек со беспрекорен, софистициран стил.
Ова е токму моментот што ја прави приказната за Бонд толку автентична. За неа Флеминг нашол инспирација во реалниот живот, поточно во ликот и делото на господинот што лично го познавал. Џејмс Бонд на тој начин стана лик на еден од најпознатите светски тајни агенти, а неговото име е Попов, Душко Попов.
Кустосот Ивана Зец посочи дека првата книга објавена од Ијан Флеминг, Казино Ројал, е апсолутно вистинит настан што се случил во Португалија во хотелот Есторијал, каде што Душко играл бакара и се обложил на 140.000 германски марки, кои ги зел од Германците за да потоа ги даде на Англичаните да ја финансираат својата војска.
- Душко Попов во приватниот живот беше Џејмс Бонд на филм, со многу жени, брзи автомобили, алкохол, тоа е приказната што го следеше Душко приватно и се разбира, после тоа кога Ијан Флеминг напиша книга за најпознатиот таен агент, тој во неа го опиша Душко.
Тоа, се разбира, тогаш не беше јавно признато и познато, но со децении се шпекулираше дека, во реалноста, Душко е ликот по кој Ијан Флеминг го создаде ликот на Џејмс Бонд. Врската меѓу нив двајцата е исто така многу едноставна. Кога започна Втората светска војна, Душко стана троструки агент, работејќи за германски Абвер, работејќи за Британската разузнавачка служба. Неговото трето вработување беше во југословенската влада, која често даваше покритие за неговите патувања и акции.
А Јан Флеминг, како стар агент, по ранг имаше задача да ја следи неговата работа и да ја врши еволуцијата на неговата работа. Кога војната заврши, Јан Флеминг сè што доживеал со Душко, сите негови акции, ги пренесе во глобално популарната приказна за тајниот агент Џејмс Бонд и во целата приказна успеа да го вклопи и бројот 007 кој е познат како шифра или дозвола за убивање. Но, тоа не е ништо друго, туку телефонски број на чичкото на Душко од Белград, кој се јавувал на телефонот со-Попов, Миливој Попов, раскажа Ивана Зец, кустос во Музеј Жеравица.
Душко Попов, исто како и херојот на романите на Флеминг, беше сè што не би очекувале од еден разузнавач. Шармантен и слаткоречив, со нескриена потреба да се забележи – но исто толку снаодлив, така што никој да не се посомнева во неговите намери. Можеби ова е тајната на неговиот успех: бидејќи секогаш беше во центарот на вниманието, беше тешко да се замисли дека станува збор за личност која ги знае сите мали и големи тајни на водечките учесници во Втората светска војна.
-Поставката на Душко Попов беше отворена во 2018 година со дозвола на неговите синови од вториот брак. Тој ја запознал Жил кога таа имала 17, а тој 50 години. Нејзините родители, се разбира, воопшто не биле задоволни од целата приказна, но таа му родила три сина, од кои двајцата ги запознавме, а третиот, за жал, почина. Исто како и татко му, сакаше брзи коли, брзи мотори. Сепак, ги запознавме преостанатите два сина и тие беа тука во Ново Милошево.
Некои од овие експонати што се изложени се лично негови, некои други се сочувани во куќата на неговиот дедо, така што целата поставка е апсолутно автентична и му припаѓала лично на српскиот Џемс Бонд.
По војната тој доаѓаше во Дубровник, а тука никогаш нема дојдено. Се насели во Франција, купи замок и немаше потреба да оди никаде. Мислам, за време на Втората светска војна патуваше низ целиот свет, повеќе беше на нозе и на пат отколку што седеше, но потоа водеше мирен, затскриен живот. Семејството немаше поим што тој има работено се до крајот на 70-тите, раскажа кустосот Ивана Зец.
Иако прв ги информирал Американците за јапонската инвазија на Перл Харбор, тогашниот шеф на ФБИ, Едгар Џеј Хувер, го дисквалификувал Попов како несигурен извор. За процената на Хувер многу кумувала наклонетоста на Душко за боемскиот и расипнички живот. Затоа ФБИ одлучува да ја прикрие оваа информација, грешка што американската војска на крајот скапо ја плати, а нападот на Перл Харбор стана трагедија која лесно можеше да се избегне.
По завршувањето на војната, Попов доби признание за неговите услуги и од британската и од германската страна. Иако после тоа повеќе не се занимавал со шпионажа, тој продолжи да ужива во удобен живот до неговата смрт во 1981 година.
Сите податоци за активностите на Душан по војната ги презеде ФБИ. Дури на почетокот на 21 век, еден од неговите синови, Марко Попов, успеал да добие пристап до досието на неговиот татко од британската служба МИ-6.
Прелистувајќи ја импресивната биографија од 2.870 страници, тој се уверил дека сите приказни за неговиот татко се вистинити. Тоа значи дека и поранешниот колега на Душан, Ијан Флеминг, имал сосема сигурни извори кога во своите романи ги овековечил авантурите на тајниот агент 007.
Оливер Бранковиќ