• среда, 18 декември 2024

Ренци: Во прифатните центри во Албанија да бидат трансферирани 2.000 албански осуденици од италијанските затвори

Ренци: Во прифатните центри во Албанија да бидат трансферирани 2.000 албански осуденици од италијанските затвори

Тирана, 13 декември 2024 (МИА) - Поранешниот италијански премиер, Матео Ренци, остро ја критикуваше премиерката Џорџа Мелони, дека потрошила една милијарда евра за формирање центри за мигранти во Албанија, кои, според него, никогаш нема да профункционираат, па затоа предлага тие да се трансформираат во затвори, каде ќе бидат трансферирани албански осуденици од италијанските затвори.

-Мигрантските центри во Албанија никогаш нема да профункционираат. Но, парите се веќе потрошени. Мојот предлог е едноставен, во нив да бидат сместени околу 2.000 албански осуденици кои моментално се во италијанските затвори. Со ова се заокружува супер неуспехот на Мелони. Да ги намалиме трошоците и да престанеме да чуваме карабинери и полиција во Албанија, тие се потребни во Италија. Овие агенти се потребни на нашите патишта, изјави Ренци, пренесе Ора њуз.

Во барањето за трансформирање на мигрантските центри во затвори за албански осуденици, тој посочува дека тоа треба да се направи веднаш.

Договорот за прифаќање мигранти од африканските земји, фатени во меѓународните води, на 6 ноември минатата година,  го потпишаа премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони. Се предвидува сместување по 3.000 мигранти месечно, односно 36 илјади годишно, кои во Ѓадр требаше да го чекаат одговорот на барањето за азил.

Со италијанскиот брод „Либра“ во два наврати, минатиот месец, пристигнаа вкупно 24 имигранти, од Египет и Бангладеш, но и двете групи беа вратени назад, откако судот во Рим одлучил  случајот да го испрати до Судот на правдата на ЕУ, бидејќи оценува дека споменатите две земји не се во групата безбедни земји.

На 1 и 2 декември албански и италијански активисти од граѓанското општество, под мотото „Нелегален договор, глобален отпор“, протестираа во пристаништето Шенѓин, во Ѓадр, како и пред владата во Тирана. вт/сд/
 

Остани поврзан