• сабота, 23 ноември 2024

Реновирано училиштето во Демир Капија 

Реновирано училиштето во Демир Капија 
Демир Капија, 17 мај 2022 (МИА) - Реновирано е училиштето во Демир Капија, во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование. На денешниот промотивен настан, беше кажано дека со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ), на централната зграда на училиштето беше поставена нова термална фасада. Беше нагласено дека тоа значи топло училиште во зима, а свежо за време на топлите денови, подобри услови за учење и работа на повеќе од 360 ученици и наставници. Помеѓу присутните на настанот беа и претставникот на канцеларијата на УСАИД во земјава,  Џејмс Стајн и шефот на канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД, мајор Даниел Маједа. Тие заедно со градоначалникот Лазар Петров и директорката на училиштето, Менче Николова, како и претставници на локалната самоуправа и воспитно-образовната установа, направија обиколка на реновираната училишна зграда. Се придружија на учениците од различни етнички заедници од централното и подрачните училишта, садеа дрвја во дворот и учествуваа во спортски активности на игралиштето. Задоволство и благодарност за поддршката, изрази градоначалникот Петров. Тој рече дека ова е еден од најдобрите проекти во Демир Капија. -Сакам срдечно да се заблагодарам за поддршката во реализацијата на овој капитален проект од кој нашето училиште има голем бенефит.  Овој проект значеше обединување на повеќе страни и тимска работа на локалната самоуправа, вработените во училиштето, локалната заедница и самите ученици, рече градоначалникот. Тој додаде дека со поставувањето на новата фасада, училиштето не само што доби нов лик, доби и значителна заштеда на топлинска енергија и сега наставата се изведува во енергетски ефикасен објект. -Сметам дека проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е еден од најдобрите проекти кои се имплементираат во образовните институции и заслужува да се унапредува и да се надградува преку воведување на поголем број на активности кои ќе промовираат соживот, мир, толеранција и разбирање за различните етнички заедници. Локалната самоуправа во Демир Капија и јас како градоначалник ќе се залагаме за унапредување на активностите од областа на меѓуетничката интеграција кои се реализираат во нашето училиште и ќе очекуваме поголем број на младински иницијативи, посочи Петров. Благодарност за донацијата искажа и Менче Николова, директор на основното училиште „Димче Ангелов-Габерот“. -Станува збор за мултиетничко училиште. Во него се школуваат ученици од  македонска, турска, српска и ромска националност. Имаме бројни активности за унапредување на меѓуетничката интеграција, рече Николова. Маједа се осврна на активностите и партнерството со УСАИД и демиркаписката општина, во изминатиот период. Во своето обраќање пред присутните, Стајн ја поздрави соработката помеѓу сите страни вклучени во овој проект.свд/вј/

Остани поврзан