• недела, 29 декември 2024

РЕК Осломеј со најголемо производство на електрична енергија во последните 10 години

РЕК Осломеј со најголемо производство на електрична енергија во последните 10 години
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) - Како Влада правиме големи напори од почетокот на енергетската криза, посебно со почетокот на грејната сезона да дадеме максимална финансиска поддршка за ЕСМ, да го зголеми домашното производство на електрична енергија за да не бидеме зависни од увоз, како и за субвенционирање на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи, рече министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на производните единици на термоелектраната и новото рудно наоѓалиште во рамките на РЕК Осломеј заедно со генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски. Тој се заблагодари на напорите на менаџментот на ЕСМ и сите вработени во термоелектраната Осломеј за да произведат доволни количини електрична енергија се со цел непречена испорака на струја за домаќинствата и малите потрошувачи. -Денеска заедно со директорот Ковачевски сме на терен да видиме како се одвива производството на електрична енергија во термоелектраната Осломеј во Кичево. Владата донесе одлука за фиксна цена на електрична енергија за прехранбената индустрија, училиштата и водоснабдителните станици. Донесовме одлука за дополнителна обврска на ЕСМ да бидат снабдени со фиксни цени од 80 до 95 евра по мегават час основните и средните училишта, преработувачката индустрија, односно производителите на основни прехранбени производи, водоснабдителните станици и на тој начин да влијаеме за справување со инфлацијата и намалување на цените на основните прехранбени производи, посочи  Бектеши. Директорот Ковачевски кажа дека во изминатите години се направени значителни инвестиции во комбинатот со што е зголемен капацитетот на РЕК Осломеј и оваа година е остварено најголемо производство на електрична енергија во последните 10 години. -За 10 месеци годинава има произведено 227 гигават часови, што е најголем постигнат резултат во споредба со изминатите 10 години. За споредба за истиот период во изминатите години производството било многу пониско, па така во 2015 година Осломеј произвел 81 гигават час, во 2016  година 28, во 2017 година 30 гигават часови. Во 2018 година кога веќе влегуваме во одредени инвестиции и технички работи во термоелектраната, намерно го намаливме производството за да можат да се изведуваат тие работи, па така тогаш имавме 29 гигават часови, во 2019 година 15 и 2020 година 67 гигават часови електрична енергија, прецизира Ковачевски. Во 2022 година, како што кажа, во РЕК Осломеј има најмала потрошувачка на мазут што се додавал во јагленот за производство на мегават час електрична енергија и таа е за три пати помала од вообичаената. -Денеска трошиме околу 33 грама мазут на мегават час, а потрошувачката во 2018 година била 118 грама на мегават час. Цената, пак, на произведен мегават час електрична енергија во 2021 година изнесувала 173 евра, во 2016 година цената била 661 евро за мегават час. Во 2022 година со зголемено производство на електрична енергија се планира годишната цена да биде под 200 евра за мегават час, посочи Ковачевски. Тој информираше дека е утврдено дека на новото наоѓалиште за јаглен Гуштерица во рамки на комбинатот Осломеј има резерви од околу два милиони тони јаглен што е доволно за три годишно работење на комбинатот. -Со концесијата за истражување од Министерството за економија постигнато е на терен да се ископа значајна количина земја со цел вршење на истражувањата, со тоа отскриени се околу 150 илјади тони јаглен, кој е наш и ни е на дофат и ќе биде искористен оваа грејна сезона. Цената на јагленот што ќе го извадиме од Гуштерица ќе биде околу 36 евра по тон или за два до три пати пониска од цената на увозниот јаглен за РЕК Осломеј, посочи Ковачевски. Додаде дека за РЕК Осломеј е предвидена постепена и социјално праведна супституција со обновливи извори, пред се фотонапонски електрани, и тоа и се прави. Веќе е активна една сопствена фотонапонска електрана на АД ЕСМ од 10 мегавати во стариот рудник, се прават активности за уште една со иста моќност, а почнува и реализацијата на двете од по 50 мегавати што се реализираат по пат на јавно приватно партнерство со компанија од Бугарија и со компанија од Турција. вј/лв/

Остани поврзан