• четврток, 26 декември 2024

Ректорската управа на УКИМ на вонредна седница расправаше за Колективниот договор

Ректорската управа на УКИМ на вонредна седница расправаше за Колективниот договор

8 февруари 2024 

Ректорската управа ја информира јавноста дека на вонредната седница, одржана на 8.2.2024 година, на која се расправаше за Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје, ги донесе следниве

 

                                                                         З А К Л У Ч О Ц И

1.  Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е на сила, во правниот промет се применува од 1 јануари 2024 година, не е откажан, ниту укинат или поништен, и е задолжителен за работодавачот и работниците во чие име е склучен.

2. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со особена грижа за положбата на своите вработени и за остварувањето на нивните права од работен однос, констатира дека се целосно неосновани и незаконски наводите на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, во врска со полноважноста на поединечниот Колективен договор на УКИМ, со незаконско тврдење дека не е регистриран во Регистарот на колективни договори, кој го води Министерството за труд и социјална политика. Имено, според член 231, став 1 од Законот за работните односи, регистрирање е задолжително за општи и гранкови колективни договори, а не и за поединечни колективни договори, каков што е Колективниот договор на УКИМ, за кои според став 3 од истиот член е потребно само известување до Министерството за труд и социјална политика.

3. Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје констатира дека државата не ги почитува актите кои таа сама ги носи, што е во спротивност со принципите на владеење на правото и правната сигурност.

4. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Синдикатот на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје бараат итна средба во рок од три дена со премиерот Талат Џафери, кој, инаку, е и потписник на Колективниот договор на УКИМ.

5. Вработените на Универзитетот и Синдикатот ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права, загарантирани со Уставот и законите.

 

     За непочитувањето на Колективниот договор на УКИМ, со допис од 5.2.2024 година, известени се следниве институции: Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика.

 

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,

Ректорска управа

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

                                                                                                                      

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан