• сабота, 28 декември 2024

Рекорден број заразени - 934 од 2748 тестирања, пет починати, резултати од мерките за четири недели

Рекорден број заразени - 934 од 2748 тестирања, пет починати, резултати од мерките за четири недели
Скопје, 31 октомври 2020 (МИА) - Во деноноќието меѓу четвртокот и петокот се регистрирани 934 новозаразени со коронавирусот од 2748 тестирања, што е најголем број на инфицирани во едно деноноќие од почетокот на пандемијата. Пет лица починати, а 434 се оздрвени. Од петмината починати, тројца се од Скопје (58, 68 и 75 г) и двајца од Прилеп (73 и 78 г). Сите се починати во болнички услови. Вкупната бројка на оздравени пациенти е 20448, на починати е 982, а бројот на активни случаи изнесува 9058. Во болниците ширум земјава се хоспитализрани 678 позитивни или суспектни пациенти на Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче вчера на скопскиот аеродром, при примањето на донацијата од 60 респиратори од НАТО, изјави дека очекува резултатите од новите мерки да дојдат по три до четири недели. - Циклусите на промена и резултатите од воведените мерки не само кај нас, туку и во многу други земји доаѓаат по три до четири недели. Толку е циклусот на еден тренд на намалување на трансмисијата на вирусот до видливиот пад на детекција на бројот на заболени. Такви се и нашите очекувања иако е неблагодарно да се даде прогноза, рече Филипче, додавајќи дека кај овој вирус има многу непознати, па така, дел од предвидувањата, не само кај нас туку и во светот не се остварија. Филипче нагласи дека во овие студени есенски денови многу е важно секој од нас да се грижи за сопственото здравје. - Прекривката на устата и носот, маска, марама, шал овозможува да дишеме топол воздух, да не се најдеме во група во која има носител на вирусот и да се избегне штетното влијание на ПМ10 честичките за кои има докази дека му овозможуваат на вирусот да патува подалеку од вообичаениот пат на флигиовата капка за време на зборувањето, вели Филипче. Тој посочи дека тие аргументи на стручните лица им укажале оти, сепак, маски на отворено мора да се носат. Но, како што рече, нема логика тие да се носат на места каде со седење се одржува дистанца, како на пример, во рестораните. Филипче смета дека со мерката носење маска на отворено ќе се намали бројот на новозаразени и ќе се спречи трансмисијата на вирусот. Освен донесените мерки, во борба против Ковид-19, се очекува да придонесе и надополнувањето со медицински персонал. - Системот со надополнување на медицинскиот персонал, многу брзо ќе почне да функционира и значајно ќе се почувствува помошта од овие лекари. Ќе се направат две групи на лекари, едни коишто ќе бидат на располагање за болничките установи во Скопје и друга група за дежурства во болниците ширум државата. Тие лекари ќе се вклучат во согласност и договор со координаторот на лекарите за Клиничкиот центар и со директорите на болничките установи ширум државата во системот на дежурства. Треба да се дежура 12 часа, од 20 часот навечер до 8 часот наутро, објасни Филипче. Тој посочи дека пациенти се сместуваат во белодробната болница во Јасеново, дел на Клиниката за пулмологија. - Институтот за белодробни заболувања е следната институција, после Инфективната клиника, каде што ќе се сместуваат пациентите понатаму, планот е во делот интерните одделенија тоа што го најавивме во текот на вчерашниот ден, рече Филипче. Од голема помош на нашето здравство ќе бидат и 60 респиратори кои вчера НАТО ги донираше за нашата земја. Филипче објасни дека станува збор за уреди кои се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила од една болничка установа во друга, и веќе е изготвен соодветен план за нивна распределување на неколку клиники во Скопје согласно потребите. Министерот за здравство Венко Филипче вчера ги посети и студентите од шеста година по општа медицина кои помагаат во изработка на анкетните листови во Институтот за јавно здравје. Околу 40 студенти се вклучени во овој проект и освен во Институтот за јавно здравје, тие се ангажирани и во Државниот санитарен инспекторат и во Центарот за јавно здравје во Скопје, соопшти Министерството за здравство. Во наредните недели, како што се посочува, согласно потребите дополнителен број студенти ќе бидат распределени и во центрите за јавно здравје низ земјава. Сите тие ќе помагаат во изработка и внесување на податоците од анкетните листови на контактите на ковид позитивните пациенти. Според последната статистика, 60 ученици и 160 наставници на ниво на држава кои се со физичко присуство во училиштата се активни на Ковид-19, соопшти вчера министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека сè додека не се создадат услови за затворање на училиштата, би останал овој модел на настава. – На почетокот на оваа недела известивме колкав е процентот од вкупен број на ученици и ќе видите дека 0,05 проценти е заразеност кај ученици и 0,6 проценти е кај наставници. Што значи не надминуваме ниту еден процент, немаме ширење на ковид во училиштата внатре, рече министерката. Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на корона-вирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа посочува дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега. Шахпаска оцени дека состојбата во градинките е под контрола и оти тоа, како што рече, може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи. Претседател на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски во интервјуто на Канал 5, нагласи дека сите сме во опасност од Ковид-19, постарите генерации се поизложени, но може да почине и човек без хронично заболување. - Ова е опасно заразување, да не се занесуваме, рече Караџовски. Според Караџовски, само доследно почитување на мерките може да се очекува намалување на бројот за заразени. - Кога во април и мај се намали бројката на заразени, а здравствените власти ги намалуваа мерките народот мислеше дека е готово, пандемијата заврши. Ние никогаш не сме рекле дека завршила пандемијата. Оттогаш наваму се менуваа работите и сега имаме страшни бројки, изјави Караџовски. Тој уште еднаш посочи дека ако се внимава со кого се контактира и ако се носи маска и дистанца тогаш вирусот може да се избегне. Караџовски предупреди дека славите се потенцијално жаришти. Тој рече дека тие понекогаш наликуваат на мини свадби. -Затоа повторувам дека неодговорните и оние кои мислат дека вирусот не им е закана се највиновни за пренесувањето на заразата. Мислам дека поголем дел од луѓето почитуваат мерки, но токму заради оние кои не ги почитуваат стигнуваме до овие бројки, потенцираше Караџовски. Полицијата во претходното деноноќие во државава изрече 928 санкции за неносење маска. Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со Ковид-19. ир/сп/

Остани поврзан