• четврток, 26 декември 2024

Реконструкција на кујната во градинката „Пчелка 2“ во Аеродром

Реконструкција на кујната во градинката „Пчелка 2“ во Аеродром
Скопје, 10 февруари 2021 (МИА) - Почна реконструкцијата на главната кујна во клонот „Пчелка 2“ што е во рамките на детската градинка „Буба Мара„ во населбата Лисиче, во Општина Аеродром. Како што соопштија општинските власти, проектот за реконструкција на кујната со површина од околу 67 квадратни метри предвидува целосна замена на електричната и водоводната инсталација, плочките, реновирање на таванот, како и на сите врати. Клонот е изграден во 1980 година, а од Општината велат дека ова е прва реконструкција на главната кујна, која моментално е префрлена во објектот „Сонце“ и ги задоволува сите потреби по сите стандарди за подготовка и послужување на храната. Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, денеска го посетија клонот „Пчелка 2“ каде што се одвива реконструкцијата. -Подобрувањето на условите во детските градинки и натаму останува наш врвен приоритет. Значајна е секоја реконструкција и реновирање на објектите затоа што дечињата мора да престојуваат во здрава и пријатна средина, тие се нашата иднина, изјави градоначалникот Марин при увидот на градежните работи. Директорката на детската градинка „Буба Мара“, Елена Устамитова, посочи дека реконструкцијата се одвива според строго предвидените протоколи во услови на КОВИД-19 и дека се обезбедени сите услови за безбедна работа на ангажираните работници, како и за децата, кои во намален број престојуваат во објектот. Со проектот во втората фаза е предвидена реконструкција и обновување на подовите во занималните и во сите други простории во објектот „Пчелка 2“. Ќе се постават нови ПВЦ-подови, кои се антиалергени и антибактериски, за целосно безбеден престој на децата.бт/скс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан