• четврток, 26 декември 2024

Реконструиран хоспиталниот оддел на Универзитетската клиника за нефрологија

Реконструиран хоспиталниот оддел на Универзитетската клиника за нефрологија
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Заврши реконструкцијата на хоспиталниот оддел на Универзитетската клиника за нефрологија - Скопје, со што, како што информираше денеска директорката на Клиниката, д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, се заокружува комплетното реновирање на објектот. - Реновирана е површина од околу 750 квадратни метри каде се наоѓаат интензивните делови, делот за трансплантација и васкуларни пристапи. Успеавме да завршиме во краток период и во период на ковид-пандемија, со буџет од самата Клиника, но и поддршка од Министерството кое го покачи буџетот, со цел да ги надминеме долговите, но и да реновираме значаен сегмент во здравствената дејност, изјави Рамбабова Бушљетиќ. Клиниката, како што посочи таа, ја наследиле во лоша состојба, со недостиг на персонал и застарена опрема. Успеале да направат исчекор и од ноември 2020 година до февруари 2022 Клиниката била ковид-оддел, каде се лекувале околу 26 пациенти со кислородна поддршка. - Најголема благодарност до моите колеги, медицинари, доктори, сестри, техничари, помошен медицински персонал, што успешно ја спроведовме работата и никого не вративме од пациентите. Набавивме опрема што е за специфични пациенти, со специфична дијализа и техники, но најголем исчекор се направи во областа на трансплантација кога успеавме во најтешки услови да реновираме, но и да ја надградиме базата и првпат имаме листа на чекање на пациенти за трансплантација од починат дарител, додаде Рамбабова Бушљетиќ и се заблагодари на националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова и на колегите од Клиниката за урологија и нејзиниот директор, д-р Сашо Дохчев. Министерот за здравство Беким Сали информираше дека при реконструкцијата на хоспиталниот дел е направена замена на покривниот дел, целосно е реновиран и реконструиран одделот и се набавени нови болнички кревети. - Со ова се заокружува комплетното реновирање на Клиниката, од околу 1400 квадратни метри, поделени на два ката. Реконструкцијата почна во јануари 2020 година. Во периодот на почетокот на пандемијата беше комплетно реновиран интензивниот дел, каде се наоѓа интензивната нега, салата за васкуларни пристапи, делот за акутна хемодијализа, делот за хронична хемодијализа и одделот за трансплантација на бубрег, изјави Сали. Тој додаде дека целосно е заменета апаратурата и има нови апарати за дијализа, од кои дел се обезбедени од буџетот на Клиниката, а дел од Министерството. Целосно е заменета опремата во салата за васкуларни пристапи, набавен е нов ЕХО апарат, а има и нов инвентар за болничките соби, како и за персоналот на Клиниката. - Ова е единствена поголема реконструкција на Клиниката за нефрологија од нејзиното постоење. Сакам да информирам дека се реализирани и нови вработувања - 11 лекари, девет медицински сестри, пет болничари, тројца хигиеничари и четири административни работници, сите со трајно вработување. Клиниката во овој период изврши 26 кадаверични трансплантации и 30 трансплантации од жив дарител, истакна министерот Сали, заблагодарувајќи му се на персоналот на Клиниката за несебичното вложување и пружање здравствена услуга на сите пациенти, особено во период на пандемија. Рамбабова Бушљетиќ се заблагодари и на организацискиот директор на Клиниката за нефрологија, Вулнет Мемеди за кој рече дека преземал голем дел обврските околу реновирањето. На настанот, исто така, беа доделени и благодарници на медиумите, меѓу кои и на МИА, во знак на благодарност за соработка и поддршка на Клиниката за нефрологија. ки/сп/

Остани поврзан