• среда, 27 ноември 2024

Редовно изборно Собрание на ДПМ на 1 јуни, петмина кандидати за претседател на Друштвото

Редовно изборно Собрание на ДПМ на 1 јуни, петмина кандидати за претседател на Друштвото

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Редовното изборно Собрание на Друштвото на писателите на Македонија е закажано за 1 јуни во 11 часот, кога писателите ќе изберат нов Статут, претседател, Управен одбор и Суд на честа.

Како што соопштуваат од ДПМ, за функцијата претседател на ДПМ во предвидениот рок, кандидатури доставиле петмина членови:  Живко Грозданоски, Весна Дамчевска Илиевска, Јордан Ѓорчев, Мирче Нешовски и Југослав Петровски. Според Статутот, за претседател ќе биде избран оној кандидат што ќе добие најголем број гласови од присутните активни членови на редовното изборно Собрание.

- Актуелниот Управен одбор (Зоран Анчевски потпретседател и членовите: Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Бранко Цветкоски, Александра Јуруковска, Марина Мијаковска и Владимир Мартиновски) на состанокот одржан на 27 мај 2024 ги верификуваше и усвои сите пристигнати кандидатури, како и ажурираниот Регистар на активни членови, кој брои 108 члена. УО ги усвои и предлог-Дневниот ред за Собранието, како и предлог-Деловникот за работа на Собранието, се наведува во соопштението.

На состанокот била донесена и одлука за промена и измена на Статутот на ДПМ од 2011 година, којшто би стапил на сила веднаш по усвојувањето од страна на Собранието.

- Согласно член 7 алинеја а од актуелниот Статут на ДПМ и пред сè, согласно одлуката донесена од страна на Управниот одбор на ДПМ на 15.4.2024 г., претседателот на ДПМ сите ангажмани околу редовното изборно Собрание му ги препушта на потпретседателот на ДПМ и редовното изборно Собрание го отвора потпретседателот на ДПМ, се појаснува во соопштението.

Воедно, од УО на ДПМ упатуваат апел до сите свои активни членови да учествуваат на изборното Собрание за избор на ново раководство.

-УО на ДПМ ги повикува сите свои активни членови да учествуваат на изборното Собрание на 1 јуни со цел да се избере ново раководство, нов Статут на Здружението, т.е. да се обезбеди континуитет на најстарото и најзначајното здржение на писатели во земјата. вг/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан