• четврток, 26 декември 2024

Регионалниот центар за застапување во Делчево ќе гради капацитети за Архуска конвенција во микрорегионот

Регионалниот центар за застапување во Делчево ќе гради капацитети за Архуска конвенција во микрорегионот
Делчево, 30 јуни 2020 (МИА) - „Животна средина, демократија и градење на капацитети за Архуска конвенција во регионот Малеш-Пијанец“ е проект што почнувајќи од месецов, па до крајот на годината ќе го спроведува Регионалниот центар за застапување од Делчево.
Како што информираат од Регионалниот центар, станува збор за проект чија цел е јакнење на капацитетите на граѓанските организации и заинтересираните страни од источниот регион за процесите на креирање политики и донесување одлуки за теми поврзани со животната средина.
-Преку проектот ќе се прават мониторинг и евалуација на јавните политики поврзани со животната средина во микро регионот Малеш-Пијанец, ќе се зајакнат капацитетите на претставници од локалните самоуправи, граѓанските организации и медиумите од регионот во повеќе области на зачувување на животната средина и учество на јавноста во процесите на донесување на одлуки, информираат од РЦЗ Делчево.
Како што додаваат, ќе се спроведе и кампања за подигнување на јавната свест кај населението од микро регионот Пијанец - Малеш за зачувување на животната средина.
Проектот е регрантиран во рамки на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија“, финансиран од Европската Унија, во рамки на ИПА фондот за граѓанско општество и медиумска програма.
Регионалниот центар за застапување од Делчево ќе го спроведува овој проект во партнерство со еколошкото здружение „Здравец 2002“ од Македонска Каменица и Здружението на граѓани „Амброзија“ од Пехчево.вс/бт/

Остани поврзан