• четврток, 19 декември 2024

Регионалниот фонд за предизвици продолжува со инвестиции во образованието

Регионалниот фонд за предизвици продолжува со инвестиции во образованието
Скопје, 11 март 2022 (МИА) - Почна вториот повик на Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) за поднесување Изјави на интерес – шанса за конзорциумите да добијат неповратни средства во висина од 150.000 до 600.000 евра. РЦФ ги повикува заинтересираните конзорциуми за заедничко спроведување програми за кооперативна обука, кои се составени од установи за стручно образование и обука и претпријатија, да аплицираат и да се натпреваруваат за можноста да остварат значителни инвестиции во опрема за обука и капацитети за обука при установите за стручно образование и обука и да поттикнат воведување нови технологии. Тие имаат можност да го поддржат развојот на методологии за кооперативна обука заради ефективно справување со недостигот на човечки ресурси и стратешки пристап кон градењето на капацитети, да помогнат во подобрување на вработливоста на учениците/учесниците од стручното образование и обуки  и нивно интегрирање на пазарот на трудот и да ја подобрат продуктивноста и конкурентноста на локалните претпријатија како резултат на успешно спроведените програми за обука. Вториот Повик за изразување интерес е во тек, отворен е од 7 март до 14 април 2022. Повикот се објавува истовремено во шесте држави од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. РЦФ е отворен и очекува апликации од сите шест држави и од сите економски сектори. Изјави за изразување интерес може да поднесат конзорциуми составени од установи за стручно образование и обука и најмалку две претпријатија кои заедно подготвуваат и реализираат програми за дуално образование или кооперативна обука. Конзорциумите треба да бидат предводени од установи кои нудат стручно образование и обука и спроведуваат програми кои водат кон стекнување национално признати квалификации. Процесот на аплицирање за поддршка од Регионалниот фонд за предизвици се одвива во две фази. На почетокот конзорциумите поднесуваат формулар за Изјавување на интерес, а потоа тие кои ќе бидат првично избрани по завршување на првата фаза поднесуваат и целосни предлог-проекти со детален план за инвестирање. Информативната сесија за Северна Македонија, во текот на која ќе бидат објаснети деталите за конкурсот, условите за подобност, прифатливите трошоци и процедурите за аплицирање, ќе се одржи онлајн на 16 март 2022 година во 14 часот. Заинтересираните за учество може да се пријават на линкот: https://us06web.zoom.us/webinar/register/WN_so7u--1zQWqau1xZrM9WMw. Дополнителни информации за вториот повик и поднесувањето на Изјавите на интерес, вклучувајќи ги и насоките за заинтересираните апликанти, се достапни на веб-страницата www.rcf-wb6.org. Регионалниот фонд за предизвици имаше многу успешен прв Повик за изразување интерес, отворен во 2021 година, од кој произлегоа 37 најуспешни проекти со предлог за финансирање и беа доделени приближно 15,4 милиони евра на регионот на Западен Балкан. РЦФ е финансиски инструмент чија цел е да ја зголеми вработливоста, особено кај младите. Фондот ја поттикнува конкурентноста на претпријатијата во економиите од Западен Балкан преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за избрани кооперативни проекти и проекти за стручно и дуално образование кои се спроведуваат по пат на партнерства помеѓу установите за стручно образование и обука и претпријатијата. Грантовите се доделуваат преку натпревар на регионално ниво. хс/дма/

Остани поврзан