• вторник, 24 декември 2024

Регионална конференција „Родителството некогаш и денес“

Регионална конференција „Родителството некогаш и денес“

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Разбирање на модерните текови и предизвиците на современото родителство, преку инспиративни говори и совети за пристапот во родителството низ децениите, улогата на мајките, татковците и бабите во тек на растењето и развојот на децата и многу други има за цел регионалната конференција „Родителството некогаш и денес“, што се одржува денеска во Скопје во организација на брендот „Бекутан“.

Во изјава за медиумите, примариус доктор Марина Поп - Лазарова, педијатар неонатолог, рече дека се разговара за предизвиците на родителите, некогаш и сега.

- Кога доаѓа нов член во семејството, сите се возбудени, сите го сакаат најдоброто за детето. Околностите се сменија. Порано беа други услови, од социоекономски до санитарно хигиенски, до условите што ги дава здравствената заштита. Современите родители имаат други предизвици, додаде таа.

Докторката истакна дека тие како педијатри, заедно со родителите, партиципираат како партнери во чување и штитење на здравјето на детето, грижата за него, за правилен раст и развој. Притоа ја истакна и улогата на семејството, поддршката од стручните лица, породилиштето, патронажната служба, матичните педијатри, педијатрите кои се грижат за редовната вакцинација.

Поп - Лазарова подвлече дека и двајцата родители треба како партнери да партиципираат во водењето на бременоста, редовни контроли, редовни скрининзи, анализи, за да има помалку ризици во однос на детето и во однос на здравјето на мајката.

- Ги охрабруваме младите родители, особено татковците, самите да присуствуваат на породување кај своите сопруги. Бидејќи тој момент е навистина незаборавен и доколку се соодветно подготвени и имаат меѓусебен договор, да биде присутен и таткото, ние со задоволство како родилиште го прифаќаме тоа и го поддржуваме. Голем дел сакаат и тоа е многу позитивен тренд, нагласи Поп - Лазарова.

Таа истакна дека, како минуваат годините, сѐ повеќе татковци се заинтересирани и сакаат да присуствуваат на чинот на раѓање на своите деца, за да дадат поддршка.     

Според организаторот на настанот, грижата за секое дете е врвен приоритет на брендот „Бекутан“ повеќе од 45 години, а долгогодишната традиција сѐ уште се пренесува од генерација на генерација, на што се особено горди.

Притоа, како што беше нагласено, конференцијата ја одржуваат, разбирајќи ги потребите на модерните текови и предизвиците на современото родителство.

- Настанот е наменет за врвни педијатри, истакнати експерти за ран детски развој, јавни личности од Македонија и регионот, кои ќе имаат инспиративни говори и бесценети совети за пристапот во родителството низ децениите, совршената мера за неизмерна родителска љубов, улогата на мајките, татковците и бабите во тек на растењето и развојот на децата и многу други, соопшти организаторот на конференцијата, брендот „Бекутан“. бд/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан