• недела, 24 ноември 2024

Регионална Берза на винили по четврти пат во Кочани

Регионална Берза на винили по четврти пат во Кочани

Кочани, 14 јули 2024 (МИА) - Во рамки на мултимедијалната манифестација „24 часа урбан здив“, денеска во рекреативниот центар „Аква“ во Кочани, се одржува четвртата регионална Берза на винили.

Годинава на Берзата има 13 учесници, од кои покрај македонските, присутни се и гости од Грција, Бугарија, Србија и од Црна Гора, кои нудат музика на сите класични физички формати - плочи, компакт дискови и аудио касети.

Аудиофилите можат да ги збогатат своите колекции со музика од сите жанрови, нови и стари изданија од пред четириесетина години, како и реизданија.

- Нашата тенденција е да доаѓаат што повеќе луѓе од што повеќе држави. На учесниците им се допаѓа амбиентот и гостопримливоста на Кочани, па ќе се трудиме да ја одржиме оваа приказна и да ја развиеме во културно лето, истакна Тошо Филиповски, организатор на манифестацијата.

Берзата на винили е придружена и од изложба на фотографии од канвас, а на кои се претставени македонски рок - бендови, односно нивните лидери. Се работи за дел од изложбата што Филиповски ја организираше во Сараево, а летово ја претставува низ државава.

Придружни содржини на Берзата на винили во Кочани се настапите на домашни и диџеи од Бугарија, Србија и од Грција. Македонската музичка група „Културно-уметнички работници“ имаше 40-минутно претставување на својот винилен албум и преслушување на неколку лонгплеј плочи издадени оваа година од издавачката куќа „Корпус деликти рекордс“.  

Мултимедијалниот настан „24 часа урбан здив“ е една од последните содржини на програмата, што ја организира Општина Кочани по повод празникот на градот - „Петровден“. та/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан