• среда, 13 ноември 2024

Регионален повик за мобилност на млади истражувачи од Западен Балкан

Регионален повик за мобилност на млади истражувачи од Западен Балкан

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - До 31 мај 2024 е отворен  регионален повик за мобилност на млади истражувачи од Западен Балкан - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Кандидатите што ќе се пријават за Програмата за мобилност на Западен Балкан имаат можност да добијат финансиска поддршка за престој до два месеца во избраната универзитетска/истражувачка институција во друга економија од Западен Балкан. 

Повикот за мобилност овозможува унапредување на академската кариера на млади истражувачи преку пристап до истражувачки инфраструктури во регионот.

Како што објави Министерството за образование и наука, носител на оваа пилот-програма е проектот Policy Answers од програмата „Хоризонт Европа“ чија цел е  да ја поттикне регионалната соработка и да ги поддржи истражувачите што се на почеток на нивната истражувачка кариера.

Програмата ќе ангажира истражувачи со вкупен буџет од 100.000 евра и ќе доделува грантови до 5.000 евра по индивидуален истражувач.

-Овие грантови ќе поддржат проекти кои траат од две недели до шест месеци, овозможувајќи им на истражувачите да се вклучат во клучните истражувачки и иновативни активности поттикнати од мобилноста во Западен Балкан, се наведува во објавата. 

Шемата за мобилност на Западен Балкан е отворена за докторанди и постдокторски истражувачи кои ги завршиле докторските студии во последните седум години. Тие ќе бидат сместени во јавна или приватна истражувачка институција која нуди истражувачки инфраструктури (вклучувајќи виртуелни истражувачки инфраструктури) регистрирани во една од економиите. Сите тематски истражувачки области се подобни за аплицирање, вклучително општествените и хуманистичките науки (SSH) и истражувањата базирани на уметност. хс/ац/

Фото: принтскрин / www.westernbalkans-infohub.eu

 

Остани поврзан