• четврток, 26 декември 2024

Регионален натпревар за спортисти со интелектуална попреченост, млади за инклузија, еднаквост и доверба

Регионален натпревар за спортисти со интелектуална попреченост, млади за инклузија, еднаквост и доверба

Скопје, 5 април 2024 (МИА) – Зајакнување на меѓукултурниот дијалог, инклузијата и родовата еднаквост се клучните  придобивки од Регионалниот натпревар во пливање за спортисти со интелектуална попреченост кој се одржува од денеска до 7 април на базенот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека овој регионален натпревар ги обединува пливачите со интелектуална попреченост, за да ги покажат своите вештини и да ја прослават различноста. 

- Настаните како овој ја потврдуваат нашата заедничка посветеност за рушење на бариерите и создавање поинклузивно општество во кое секој поединец е ценет и каде што сите таленти се целосно искористени. Пред сè тоа е повод за забава и за учесниците и за поддржувачите, рече Гир на прес-конференција, во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Северна Македонија, во соработка со Специјалната Олимпијада, а со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и постојаниот координатор на ОН во државава.

Една од предностите на настанот, како што дополни, е тоа што ќе ја вклучи не само Северна Македонија, туку и други земји.

За Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, светот на спортот е многу повеќе од постигнатите резултати.

- Тоа е најдобрата функционална платформа за зближување на луѓе од различни етнички групи, нации, култури, религии и можности, рече Дуџак. 

Според неа, спортот е витален механизам за уривање на постоечките бариери меѓу различните групи, без оглед на причината за разликата меѓу нив.

Џон Кенеди Мосоти, директорот на УНФПА за Северна Македонија, ја истакна целта на иницијативата да ги засили гласовите и аспирациите на младите луѓе од Западен Балкан. 

- Нашата цел е да обезбедиме платформа за ангажман, да ги обединиме младите од различно потекло, да поттикнуваме комуникација и размена преку спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата“, рече  Кенеди Мосоти, нагласувајќи ги позитивните наративи за постигнување кохезија.

Матео Секи, спортски менаџер на Специјалната Олимпијада Европа Евроазија, изрази благодарност за добиената поддршка и ја нагласи важноста на партнерството со УНФПА и поддршката на Делегацијата на Европска Унија во Северна Македонија и постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, во промовирањето на еднаквост на лицата со интелектуална попреченост.

- По успехот на турнирот во кошарка Специјална Олимпијада Западен Балкан чиј домаќин беше Специјална Олимпијада Албанија, минатата година, ова пливачко натпреварување е уште еден заеднички чекор кон донесување квалитетни спортски можности и инклузија во овој регион, рече тој.

Марио Мицковски, спортист, сподели дека многу го сака пливањето.

- Ние сме тим, јас Стефан, Матеј, Јули и Кате. Стискаме палци, ја претставуваме цела Македонија, одиме понатаму. Спортот ми е супер, браво на сите екипи, особено на Игор, дека ни е тренер, нашиот тим оди напред, Македонија напред, рече тој.

Претседателката на Специјална Олимпијада во Северна Македонија, Моника Бошкова, се заблагодари на дадената прилика да организираат регионален настан кој за прв пат се организира како специјална олимпијада и истакна дека се подтовени.

- Искуство немаме, меѓутоа сме спремни, го знаеме нашите потенцијали и тимови што ни дојдоа. На големите светски олимпијади се дружиме многу, рече таа.

Натпреварите ќе се одржат за време на викендот, поточно на 6 април во утринските часови се закажани квалификациските трки, а на 7 април напладне се планирани финалните натпревари, церемонијата на доделување награди, по што настанот ќе биде затворен.

Целта на настанот е да промовира свест за инклузија, еднакви можности за сите и регионална соработка меѓу младите преку спортот, како основа за градење заеднички вредности и иднина. Овој натпревар обезбедува платформа на младите спортисти да ги покажат своите таленти и да ја прослават различноста преку спорт и пријателство.

Проектот на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ (2022-2024) е посветен на поттикнување на конструктивни наративи, меѓукултурен дијалог и родова еднаквост меѓу младите во Западен Балкан. Преку различни активности, вклучително спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата, иницијативата има за цел да поттикне меѓусебно разбирање и доверба во регионот, додека се бори против негативната пропаганда, говорот на омраза и дигиталното насилство.ар/лв/

фото: МИА

 

Остани поврзан