• среда, 25 декември 2024

Регионален едукативен камп за млади организира Црвен крст – Виница

Регионален едукативен камп за млади организира Црвен крст – Виница

Виница, 8 август 2024 (МИА) – Клубот на млади од општинската организација на Црвен крст – Виница е организатор и домаќин на тридневен едукативен камп за млади што се реализира во селото Лаки, на падините на планината Плачковица.

На кампот учествуваат триесетина млади од општините од Источниот регион, кои се обучуваат за препознавање и превенција од зависности и трговија со луѓе, а имаат и предавања за планинарењето и за лична заштита и самоодбрана.

- Главната идеја за организирање на кампот е да се постигне подобро запознавање и вмрежување на младите волонтери. Иако нивната задача е преку доброволна работа некому да помагаат и да ја подобруваат благосостојбата во заедницата, сепак со воспоставувањето меѓусебна соработка можат да постигнат многу подобри резултати. Покрај дружењето, младите ма кампот имаат и едукативни предавања што ќе им помогнат во натамошниот ангажман, истакна Ивана Гошева, лидер на Клубот на млади на Црвен крст – Виница.

Учесниците на кампот се сместени во шатори во дворот на подрачното училиште „Кочо Рацин“ во Лаки, а предавачи се лекари, социолози, стручни лица од безбедноста, спортски тренери и едукатори.

Летниот Младински едукативен камп на општинскиот Црвен крст традиционално се организира во текот на август, но поради пандемијата во претходните неколку години имаше прекин. Досега на кампот обука посетувале неколку стотини млади волонтери од целиот источен регион. та/ир

Фото: МИА

Остани поврзан