• четврток, 26 декември 2024

Ревизорскиот извештај за Основниот суд Тетово со низа забелешки за финансиското работење

Ревизорскиот извештај за Основниот суд Тетово со низа забелешки за финансиското работење
Скопје, 29 септември 2021 (МИА) - Државниот завод за ревизија денеска ги објави конечните ревизорски извештаи за Основниот суд Тетово за три сметки, со низа забелешки во однос на финансиските извештаи и усогласеноста на сметката на основниот буџет за 2020 година. - За финансиските извештаи на Основниот суд Тетово за 2020 година изразивме неповолно мислење за вистинитоста и објективноста и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики, стои во соопштението од ДЗР. Извршена е ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Основниот суд Тетово за 2006 година, за сметка на основен буџет (603), на сметката основен буџет (631) и на депозитната сметка (696), сите за 2020 година. Бидејќи од последната ревизија е поминат подолг временски период во кој законската регулатива има претрпено измени, имплементацијата на дадените препораки од претходната ревизија, за сите три сметки не била предмет на ревизија. Со ревизијата на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност кај Основен суд, сметка на основен буџет (603), за 2020 година, е констатирано дека не се донесени процедури за движење на документацијата и систем за следење и контрола на сметководствената документација со јасно дефинирани и разграничени надлежности и одговорности, не се преземени активности за изготвување на решенија за распоредување на вработените во судската служба согласно донесениот акт за внатрешна организација и систематизација на работните места од 2018 година, како и дека пописот на средствата и обврските не е извршен согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници. Понатаму, утврдено е дека не е обезбеден имотен лист за градежниот објект во кој е сместен судот, не е воспоставена материјална евиденција на постојаните средства и не е пресметана амортизација и ревалоризација за 2020 година. Со Државното  равобранителство, Основното јавно обвинителствоТетово и Канцеларијата за пробација, како корисници на дел од просторот на судската зграда, се додава, не е склучен договор за надоместување на трошоците за комунални услуги. За констатираните состојби од страна на ДЗР дадени се препораки, со цел преземање мерки за надминување на истите. Во делот на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет обелоденети се следните состојби. - Основниот суд не успеал да го надмине приливот на новопримените предмети со што е зголемен бројот на нерешени предмети и покрај тоа што бројот на решени предмети во однос на вкупниот број на предмети за работа се зголемува и изнесува 85 отсто во 2018 година, 93 проценти во 2019 и 2020 година. Потребно е да се преземат активности за известување на Судски буџетски совет за измени и дополнување на модулот за пресметка на плата со цел отстранување на неправилностите во делот на пресметката на додатокот за работно искуство кај судската полиција и нивно прилагодување на законските прописи и не се врши оценување на судските службеници и на припадниците на судската полиција како резултат на ненавремено донесени интерни акти од страна на Министерството за правда, стои во Извештајот на ревизорите. Во делот на Останати прашања се посочува на одредени системски слабости кои се однесуваат на отсуството на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи и на различно уредување на права на вработените во однос на вреднувањето на минатиот труд при пресметка на платите на судиите и судските службеници. Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2020 година, заедно со ревизија на усогласеност, констатирано е и дека не се води дневник за наплатен судски паушал во сметководството на Основниот суд, до писарницата не се доставува известување за истиот и не е воспоставена сметководствена евиденција на ненаплатени побарувања по основ на судски паушал. По однос на наведеното, во извештајот се укажува дека одговорните лица во субјектот треба да преземат активности во насока на воведување на дневникот за наплатен паушал во сметководството на судот, доставување на известување за наплатен паушал до судската писарница и воведување на сметководствена евиденција на  ненаплатените побарувања по основ на судски паушал. Во делот Останати прашања ревизијата истакнува дека не е донесен пропис за утврдување на висината и начинот на определување на судскиот паушал во прекршочните и кривичните постапки. Со ревизијата на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност кај Основен суд Тетово, депозитна сметка (696), за 2020 година, е констатирано дека не е обезбеден целосен увид во состојбата и движењето на средствата на секој депозит по одделни предмети, заради невоспоставена евиденција по предмет, неизвршениот надзор над материјално - финансиското работење со средствата на депозитите и одземените предмети, не е извршен попис на примените средства по основ на судските депозити и внесување на податоци во деловните книги без веродостојни, вистинити сметководствени документи. - За констатираните состојби дадени се препораки, со цел преземање мерки за надминување на истите. Во делот на нагласување на прашања за неизвесност и континуитет ревизијата обелодени дека во Основниот суд се чуваат предмети кои се одземени со правосилна одлука во прекршочна и кривична постапка, кои не се преземени од Агенцијата за управување со одземен имот. Во делот на Останати прашања известивме за потребата од пропишување на формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити и усогласување на законската регулатива и Судскиот деловник во однос на сопственоста на примените депозити по нивната застареност. Од страна на одговорните лица на Основен суд Тетово не се доставени забелешки на трите нацрт извештаи на овластените државни ревизори, се наведува во извештаите на ДЗР. вг/сп/

Остани поврзан