• сабота, 23 ноември 2024

Ревизорска мисија на Европскиот суд на ревизори во Република Северна Македонија

Ревизорска мисија на Европскиот суд на ревизори во Република Северна Македонија

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Ревизорскиот тим предводен од членката на Европскиот суд на ревизори, Лаима Лиучија Андрикиена оваа недела беше во посета на нашата држава. Примарната цел на посетата, како што соопштија од Делегацијата на Европската унија во Скопје, била ревизија на финансиските трансакции на Северна Македонија за 2024 година како дел од буџетските расходи на ЕУ според Повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година, Поглавје 6 „Соседството и светот“.

За време на посета, Андрикиена придружувана од амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас, се сретнала со претседателот на Собранието Африм Гаши, со претседателот на Комисијата за европски прашања  Антонијо Милошоски, со претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска, со државниот секретар на Министерството за финансии  Андријана Матлиоска, со заменик министерот за европски прашања Викторија Трајков, како и со главниот ревизор Максим Ацевски, на која средба била во придружба на шефот на Секторот за политички прашања, евро-интеграции, печат и информации на Делегацијата на ЕУ,  Бен Нупнау.

-Целта на овие состаноци беше да се разговара за напредокот во демократијата и владеењето на правото во пресрет на пристапувањето во ЕУ, моменталната состојба со имплементацијата на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан и користењето на помошта од ЕУ во Република Северна Македонија според Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), се наведува во соопштението.

Владеењето на правото, како што истакнала Андрикиена, е суштинско начело на ЕУ и од витално значење е земјите кандидати целосно да се придржуваат до него пред пристапувањето. - Ефикасната имплементација на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан ја гледам како можност за напредок во неопходните реформи што ги доближуваат земјите од Западен Балкан до стандардите на ЕУ и пристапувањето, посочила Андрикиена.

Европскиот суд на ревизори (ЕСР) е независен надворешен ревизор на ЕУ. Ревизорите предупредуваат на ризиците, нудат сигурност, ги истакнуваат недостатоците и добрите практики и им нудат насоки на креаторите на политиките и законодавците на ЕУ за подобрување на управувањето со политиките и програмите на ЕУ. дма/бак/

Фото:Собрание на РСМ

 

Остани поврзан