• сабота, 23 ноември 2024

Ревизори на ДЗР укажуваат да се извади од бункер акцелераторот во Клиничка болница-Битола

Ревизори на ДЗР укажуваат да се извади од бункер акцелераторот во Клиничка болница-Битола

Битола, 3 октомври 2023 (МИА) - Ревизори на Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, информираат дека во просториите на Болницата во посебен објект, бункер, сместен е линеарен акцелератор кој не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција.

Во извештајот се нагласува дека акцелераторот е наменет за третман на онколошки заболувања, за чија набавка и инсталација од страна на Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2017 година доделени се договори за јавна набавка во износ од 172 милиони денари, а до денот на ревизијата не се користи.

Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба.

Во извештајот на ДЗР се наведува дека задолжителните здравствени услуги се недостапни за граѓаните, а од извршениот увид во податоците генерирани во „Мој Термин“, ревизорите утврдиле дека на ниво на Болницата во текот на 2022 година во просек се креирани/достапни за пациенти само 39 проценти од законски задолжителните термини за здравствени услуги.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Клиничка Болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола за 2022 година. Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. Со увидот во евиденцијата на работното време, пресметката и исплатата на плати и надоместоци на плати, кои во текот на 2022 година се исплатени во износ од приближно 581 милиони денари ревизорите констатирале низа неправилности.

Околу 36 милиони денари се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство за нивно воведување, а утврдена е и појава на исплата на дежурства на немедицински кадар во износ од 919 илјади денари, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита. Неправилности се утврдени и при исплата на приближно 7 милиони денари за прекувремена работа на 303 вработени. Имено, за прекувремената работа не е известен инспектор на трудот и не се воспоставени контроли на бројот на реализирани часови, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари.

Од ДЗР соопштија дека дел од вработените во Болницата, согласно склучени спогодби вршат здравствени услуги во други ЈЗУ поради недостаток на медицински кадар, за што Болницата издава фактури, а на вработените им се исплаќа надоместок. мт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан