• петок, 27 декември 2024

Ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, бројот на активни случаи намален за околу 1300

Ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, бројот на активни случаи намален за околу 1300
Скопје, 6 октомври 2021 (МИА) - Епидемиолошката слика во државата релативно стабилна. Бројот на новозаразени од направени тестирања веќе неколку недели се движи околу 13 проценти во просек дневно. Паралелно се одвива и вакцинацијата. Досега се ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, информираше вчера Министерството за здравство. Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 5.246 дози вакцини, од кои 1.253 аплицирани како прва доза, 3.897 ревакцинирани, а 96 граѓани примиле трета доза вакцина. - Заклучно со завчера вкупно се вакцинирани 791 141 граѓанин, ревакцинирани се 737 979, а трета доза примиле 425 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Педесет и три отсто од граѓаните над 40 -годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 32 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина. - Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 отсто од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини, информираат од Министерството за здравство. Процентот на новозаразени од коронавирусот од вкупниот број направени тестирања, во последниот месец во просек е околу 13. Вчера беа регистрирани 399 нови случаи од направени 3.337 тестирања, што е речиси 12 проценти. Но, за разлика од претходните денови, вчера беа евидентирани голем број на оздравени пациенти, дуру 1.348, што придонесе да се намали бројот на активни случаи на 10.816, кој претходните денови се движеше околу 12.000. Во претходното деноноќие беа евидентирани и 17 починати лица од кои осум од Скопје (59г, 65г, 68г, 70г, 72г, 80г, 83г и 86г), четири од Куманово (64г, 69г, 71г и 79г) и по едно починато лице од Охрид (93г), Радовиш (72г), Струмица (87г), Битола (90г) и Гостивар (63г). Од пријавените починати, 16 се починати во болнички услови, а едно лице е починато во домашни услови, соопшти Министерството за здравство. Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“, пријавени се уште четири починати лица, со датум на смрт од 24  до 30 септември. Починатите лица се по едно лице од Скопје, Тетово, Велес и Охрид, на возраст од 63 до 81 години. Од пријавените лица три се починати во болнички услови, а едно лице е починато во домашни услови. Досега се направени вкупно 1.305.039 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 193.052 бројката на оздравени пациенти е 175.496, на починати е 6.740, а бројот на активни случаи изнесува 10.816. Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 5265 активни случаи, следи Куманово со 953, Тетово - 835, Гостивар - 410, Кичево - 356, Охрид - 343, Велес- 315, Прилеп -276, Битола - 240, Струмица - 231, Штип - 215, Кавадарци - 207. Во другите градови се под 200 активни случаи. Во Дојран и натаму еден случај. Засега одговорните не планираат нови антиковид-мерки зашто е намален бројот на хоспитализирани, болниците не се оптоварени и се празнат. Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Од идната недела околу 8200 основци и средношколци ќе бидат тестирани за присуство на КОВИД-19 за да се добијат податоци за преносливост на вирусот во училиштата. Според светската статистика, досега од коронавирусот се заразиле над 236 милиони луѓе, починале околу 4,8 милиони, а оздравеле повеќе од 213 милиони лица. Светската здравствена организација (СЗО) се уште ги разгледува податоците за руската антиковид вакцина Спутник В, со цел да ја одобри за итна употреба. Соопштението дојде откако рускиот министер за здравство Михаил Мурашенко во претходните денови изјави дека административните прашања се главната пречка за СЗО да одлучи дали ќе одобри итна употреба на вакцината Спутник. Евентуалното одобрување на Спутник би значело меѓународна доверба во вакцината по ригорозна ревизија и би можело да ја отвори вратата за вклучување на руската вакцина во програмата Ковакс, која планира рамномерна дистрибуција на вакцините низ целиот свет. - СЗО продолжува да го оценува Спутник од различни производствени локации и ќе ја објави одлуката кога ќе се знаат сите податоци и кога ќе заврши ревизијата, се наведува во соопштението на СЗО. Британско-шведската фармацевтска компанија „Астра Зенека“, која ја разви една од првите вакцини против коронавирус, побара од Американската администрација за храна и лекови (ФДА) да го одобри нејзиниот третман со антитела за спречување на болеста. Компанијата денеска соопшти дека третманот познат како AЗД7442 ќе биде првата комбинација на антитела со долго дејство која би добила одобрение за итна употреба за превенција од Ковид-19. - Третманот може да им помогне на луѓето чиј имунолошки систем не реагира соодветно на вакцинација,  наведува „Астра Зенека“.
Главниот третман на антитела што се користи во САД е Регенеронов двоен коктел на антитела. ФДА го одобри препаратот Регенерон како заштита за лицата со висок ризик од тежок облик на Ковид-19.
Во податоци објавени од американските здравствени агенции во медицинскиот магазин Лансет покажуваат дека ефективноста на вакцината против Ковид-19 на Фајзер се намалува од 88 на 47 проценти шест месеци по втората доза. Анализата покажува дека ефективноста на вакцината во спречување на хоспитализација и смрт од Ковид-19 останува висока на 90 проценти најмалку шест месеци, дури и за многу заразната варијанта Делта на новиот коронавирус. Три студии во Италија покажаа дека вакцините против Ковид-19 се помалку ефикасни кај луѓе со компромитиран имунолошки систем. Нивните резултати покажуваат дека во просек околу 30 проценти од луѓето со ослабен имунолошки систем не развиваат имунитет кон вирусот по вакцинацијата. Останатите 70 проценти реагираат на вакцината, особено по втората доза, но во помала мера од здравите луѓе и со разлики помеѓу групите, се наведува во соопштението од болницата Бамбино Џесу во Рим, каде што беа спроведени трите студии. Тие беа спроведени на група од 21 пациент со имунолошки дефицит, меѓу 34 деца и млади луѓе кои беа подложени на трансплантација на срце и бели дробови и на 45 млади луѓе со трансплантација на бубрег и црн дроб. Резултатите покажуваат потреба да се зголеми нивото на заштита на најранливите со засилувачки дози вакцини, соопшти болницата. Индискиот Врховен суд им нареди на властите да исплатат по 672 американски долари надомест на семејствата за секој смртен случај од Ковид-19. Индија пријави вкупно 449.260 смртни случаи, но експертите предупредуваат дека официјалната бројка е мала и оти голем број луѓе починале во внатрешноста на земјата. Индиската Влада се согласи од Државниот фонд за катастрофи да исплати минимална сума. Непознато е колку држави се согласиле да исплатат надомест за смртен случај од Ковид-19. Во Тајланд граѓанин поднесе тужба против владините тела за борба против Ковид-19 и против премиерот и други државни функционери, барајќи отштета од 134.000 долари поради занемарување на должноста, што било причина за смртта на неговиот брат. ир/сп/

Остани поврзан