• сабота, 23 ноември 2024

Реал Сосиедад е првиот шпански тим што се враќа на тренинзи

Реал Сосиедад е првиот шпански тим што се враќа на тренинзи
Сан Себастијан, 12 април 2020 (МИА) - Реал Сосиедад наскоро ќе стане првиот тим во Шпанија што ќе им овозможи на играчите да продолжат со тренинзите по почетокот на пандемијата од коронавирус во земјата. Клубот од Ла Лига истакна серија заштитни мерки кои би можеле да стапат на сила најрано во вторник. Играчите ќе можат да тренираат во ограничени групи и активностите ќе ги спроведува и следи медицинскиот персонал. Мали групи до 2-3 играчи можат да тренираат заедно, и препорачливо е да се тестираат за КОВИД-19 по пристигнувањето на тренинг. Ла Лига е суспендирана од почетокот на март и претседателот на лигата, Хавиер Тебас откри дека фудбалот во Шпанија најверојатно нема да продолжи до крајот на мај најрано. Во Германија, сите клубови во Бундеслигата продолжија со тренинзите минатата недела, но работат главно во мали групи. Типот на групна активност таму зависи од правилата во одделните провинции. Во меѓувреме, Реал Сосиедад објави дека ги намалува платите на играчите за 20 отсто во обид да ја олесни финансиската состојба на клубот за време на кризата. Кон мерката прибегнаа и од екипите на Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид. Покрај тоа, објавено е дека клубот на своите приврзаници ќе им врати 20% од сезонските билети. Пред да се запре Ла Лига, Реал Сосиедад беше на четвртото место на пласман и стигна до финалето за Купот, каде нивни ривал е Атлетик Билбао. Трофејниот натпревар ќе се одржи во Севиља, а досега нема датум за судирот на тимовите од Баскија.

Остани поврзан