• недела, 24 ноември 2024

Реакција: Училиштата мора да бидат безбедна средина за нивните ученици

Реакција: Училиштата мора да бидат безбедна средина за нивните ученици

Скопје, 9 август 2022 (МИА) - Кога училиштето станува небезбедна средина во која децата се подложени на малтретирање, омаловажувања и притисоци, тоа не значи само кршење на Конвенцијата за правата на детето, туку остава долгорочни последици врз нивното здравје и понатамошниот животен развој, посочуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права, Националниот младински совет на Македонија, Младинскиот образовен форум и Сојузот на средношколци на РСМ во заедничка реакција откако   медиуми  објавија изјава на средношколка за случувањата во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“.

Во соопштението тие наведуваат дека ова го реактуелизира долгогодишниот проблем со непедагошко, непрофесионално и насилничко однесување на наставниците кон учениците и дека досегашната пракса покажала оти институциите несоодветно или воопшто не постапуваат по пријави за деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици.

- Ние од Хелсиншкиот комитет за човекови права и младинските организации – Националниот младински совет на Македонија, Младинскиот образовен форум и Сојузот на средношколци имаме заедничка намера да не дозволиме и овој случај да се заборави откако ќе згасне медиумскиот интерес, туку кон прашањето да се пристапи системски. Ги охрабруваме сите ученици да пријават вакви искуства и заедно да извршиме притисок за институционално справување со овој проблем. Поради бројните проблеми со кое со соочува образовниот систем, кадарот кој ги крши основните педагошки начела и закони во својата работа несомнено придонесува за очигледната дисфункционалност на образованието, слабите резултати и трауми кај учениците. Училиштата мора да бидат безбедна средина за нивните ученици, истакнуваат во заедничкото соопштение. Хелсиншкиот комитет информира дека веќе постапува по пријавите кои пристигнаа веднаш по објавата за музичкото училиште. -По добиени сознанија дека професорите вршат притисоци  за повлекување на сведоштвата по излегувањето на приказната во јавност, ги охрабруваме учениците да ги пријават и ваквите случувања. НМСМ, МОФ или ССРСМ ќе им помогнат на учениците да стапат во контакт со тимот за бесплатна правна помош на Хелсиншкиот комитет. Доколку сте имале слично искуство, обратете се на правниот тим во канцеларијата на улица „Наум Наумовски Борче“ 83 во Скопје или на helkom@mhc.org.mk, +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436, се наведува во соопштението. хс/са/

Остани поврзан