• четврток, 26 декември 2024

Реакција: Платформата за родова еднаквост бара да престане праксата на правосудството на погрешното третирање на семејното насилство

Реакција: Платформата за родова еднаквост бара да престане праксата на правосудството на погрешното третирање на семејното насилство

Скопје, 18 јуни 2024

 

Платформата за родова еднаквост реагира на одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да започне постапка против 36-годишната В.И. од Кратово, која е жртва на семејно насилство. Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение.

Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство.

Имено, според соопштението на самото Јавно обвинителство Куманово се вели: „При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место.“

Оттука произлегува дека осомничената В.И. од Кратово самата била жртва на семејно насилство.

Постапувањето на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и како акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично, како во овој случај и неа Обвинителството ја гонеше за „убиство на миг“. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда.

Платформата за родова еднаквост бара Судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти. Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале.

Особено, треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В.И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани.

Платформа за родова еднаквост

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан