Реакција од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“
- СООПШТЕНИЕ: Со неверување ја следевме собраниската дебата на пратенички прашања во која повторно тема беа игрите на среќа.
Скопје, 22 ноември 2024
Со неверување ја следевме собраниската дебата на пратенички прашања во која повторно тема беа игрите на среќа. ДУИ праша зошто се уште нема ништо од најавите за затворање на казината, ВЛЕН одговори дека Владата има објавено војна на овој бизнис и обзнани дека до Нова Година ќе има нов, поригорозен Закон за игри на среќа.
Најмалку 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства од вчера се во ново исчекување. Најмалку 35 илјади луѓе стануваат потенцијални нови кандидати за иселеници во западните земји. На закуподавачите на легалните објекти за игри на среќа им стигна најава дека нивните деловни простории може набрзо да зјаат празни. На банките кои дале кредити на вработените или на организаторите на игри на среќа, им се запали алармот. Да активираат банкарски гаранции, хипотеки, други заложни права.
Ваквата неодговорна политичка војна предизвикува економско-социјален земјотрес! Затоа, ние како Здружение на вработени во секторот игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“ имаме прашања до политичките партии ДУИ и ВЛЕН:
Дали знаат дека причината поради која во Албанија беше прекината забраната за игрите на среќа е дека таму никнувале играчници на црно и цветала дивата економија? Дали знаат колку играчи од Косово дневно доаѓаат да играат во Македонија? Зошто сакаат да ја вратат Македонија во 1990 година, кога имаше покер апарати на скриени места во кафулињата, игри со ќибритчиња на „Камен Мост“ и диви играчници на секое ќоше без државна контрола? Дали тогаш младината не беше под поголем ризик? Дали можеби причината за ваквото нерационално однесување кон игрите на среќа е затоа што во овој сектор работат доминантно етнички Македонци? Зарем во 21 век треба вакви меѓуетнички дилеми да поставуваме?
Кога се зборува за „војна со овој бизнис“ треба да се земе предвид дека станува збор за најголемиот приватен работодавач во државата, економски сектор кој секоја година го полни Буџетот со минимум 280 милиони евра. Кога веќе се најавува нов Закон до Нова Година, треба како Здружение да бидеме вклучени во процесот на подготовка со активни предлози за обезбедување посилни гаранции за грижите на општеството, а не да бидеме цел на дневно политичка пресметка на политичките партии.
Нека ви е честит и вековит Денот на Албанската Азбука!
Здружение на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Здружение на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“