• среда, 25 декември 2024

Реакција на СКРМ на ставовите на Министерството за култура во однос на вработените во културата

Реакција на СКРМ на ставовите на Министерството за култура во однос на вработените во културата
Скопје, 31 март 2022 Почитувани медиуми, Деновиве во јавноста од страна на Министерството за култура има засилен наратив против вработените во институциите на културата и против синдикатите, дека бараат „преку леб погача“, а не едноставно почитување на договореното. Целта на оваа активност е да се оправда во јавноста намерата на Министерството за култура да го прекрши членот 65 од Колективниот договор за културата со кој се одредува основната бруто плата на вработените според методологијата: минимална бруто плата во државата помножена со коефициент на сложеност за секое работно место. Иако пред четири месеци, Министерството за финансии најави дека во културата платите ќе бидат покачени со покачувањето на минималната плата заради заеднички договорената методологија за пресметка на плата и истото беше јавно потврдено од Министерката за култура пред неполн месец, сепак како наближува датумот за исполнување на обврските така започнува веќе виденото сценарио на притисок врз синдикатите и вработените да се откажат од нивното право во име на светска криза на повеќе нивоа. Во рамките на овие притисоци јавно се изнесува дека институциите се обиделе да манипулираат со недела како неработен ден со цел да се оцрнат вработените, се спинува со износот на нето платите кој се соопштува заедно со годините стаж и други додатоци, се манипулира со наратив дека институциите не работеле две години во време на пандемија и се промовира мантрата дека платите во културата биле покачени четири пати во изминатиот период. Министерството како да заборава дека суштината на неговото постоење како сервис со континуиран раст на бројот на службеници (од 50 до 200 вработени за 15 години во услови на демографски пад) е да ја негува хиерархијата, да ги контролира директорите и да ги санкционира сите појави на неправилно функционирање, како на пример појавите со злоупотреба на недела неработен ден. Исто така, Министерството заборава на сите свои „гревови“ во изминатите 15 години, почнувајќи од неспроведување на одредбите за плата од Колективниот договор во 2005 година, хаосот во платите до 2017 година кога секоја институција имаше своја маса на плата дизајнирана според желбите на политички влијателните директори, антикризните мерки од заклучок на Владата во 2009 година кои незаконски се употребуваа да ги суспендираат правата на вработените до 2019 година, обидите по секоја цена да се минираат преговорите за Колективниот договор кои започнаа во 2016 година и траеја до 2019 година (4 години преговори за документ од 40-ина страни), одложената примена од седум месеци на членот 65 за платите во културата, притисокот по тие месеци повторно да се откажеме од платата, двомесечното неисплаќање на плата и здравствено осигурување во време на пандемија, континуираното прекршување на одредбите од Колективниот договор од страна на институциите и непочитувањето на заклучоците на Комисијата за следење на примената и толкување на колективниот договор. Очајно е да се изнесуваат невистини во јавноста дека сите институции не функционирале за време на пандемијата. Повеќе од 80% од институциите редовно ги извршуваа своите задачи, впрочем како е реализирана програмата за 2020 и 2021 година ако институциите не работеле? Можеби Министерството требало уште тогаш да ги повика на разговор директорите на оние институции кои не нашле алтернатива за своето функционирање и не биле креативни. Воопшто не е доцна да им се постави прашањето зошто? Сигнал на малициозност од Министерството за култура е кога конечното исправање на децениските неправди се пренесува како „четири пати покачување на плата“. Тоа е исто кога намерно некому ќе создадете проблем, по потоа кога проблемот ќе се реши поради борбата на засегнатиот, ќе се „пофалите“ дека вие сте го решиле проблемот. Зарем нивелација на платите со која се коригираат девијатните појави на различна висина на плати по политичка нарачка, за која директно е виновно Министерството за култура и неговите службеници, го сметате за покачување на плата? Навистина ли спроведувањето на Колективен договор после 15 години газење на вработените и доведување на професиите до раб на егзистенција е покачување на плата? Дали почитувањето на Колективен договор кој предвидел динамичен раст на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард е покачување на плата? Очајно е што Министерството за култура никогаш не се постави како вистинско министерство кое е сервис на граѓаните, на институциите и на оние што ја создаваат и одржуваат културата и со тоа не ги оправда причините за неговото постоење. Менувањето на пет министри во 7 години, или пак претходното цврсто узурпирање во име на градењето лажни културни вредности, укажуваат дека ова Министерство е само субјект наменет за политичко задоволување, а не за нега на културните вредности кои се еден од столбовите на општеството. Истото е и со институциите каде што кандидатите за директори кои се најквалитетни на законските конкурси, немаат перспектива затоа што не се по терк на партиските кујни. Иако институциите од културата имаат енормен потенцијал за профит и делумна самоодржливост, сè додека директорите, па и вработувањата се одлучуваат од „кадрово“ на партијата, културата ќе изгледа како финансиска дупка без дно. За оваа состојба најмалку се виновни вработените, туку проблемот тргнува од врвот. Сето ова е причина зошто и кај вработените во културата, како и кај граѓаните на државата, постои недоверба кон системот, зошто термините солидарност и жртва се доживуваат како еуфемизми зад кој е скриена потребата да се покријат киксовите на политичарите од типот на долгот на општините и јавните претпријатија од 600 милиони евра или долгот на институциите од културата за електрична енергија од речиси 1 милион евра. Вработените во културата, како и сите вработени во јавниот сектор кои се борат за нивната плата поради менувањето на животниот стандард, чувствуваат дека како и секогаш, тие треба да ја платат цената за грешките и несовесноста на функционерите во услови кога трошоците за живот се рапидно зголемени. Поради тоа е отпорот, поради тоа работниците ќе ги преплават улиците. Ние како синдикат мислевме дека Министерството за култура ќе има доблест да го почитува договорот или ќе биде искрено на време (како на пример кога се проектира буџетот) за своите намери. Сега и навистина да има намера да го почитува Колективниот договор и да има само одложување од неколку месеци, тешко е дека членството ќе верува во тоа. Поготово кога се имаат предвид минатите постапки на Министерството за култура и уште повеќе кога ниту еден авторитет во државата не гарантира дека по неколкуте одминати месеци, Колективниот договор ќе се почитува во целост. Кога Министерството глуми жртва на вработените во обид да им ги прекрши законски утврдените права, сите сметаат дека власта ги наведува културните работницисамите да си потпишат капитулација и да си ги суспендираат правата за кои платиле скапа цена. Довербата се гради со искрен и партнерски однос, за кој СКРМ е отворен во секое време. Со почит, Советот на СКРМ _____________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан