• среда, 25 декември 2024

Реакција на СКРМ на дописот до медиумите од претседателот на СО на вработените во Министерството за култура при УПОЗ, Бранко Костовски

Реакција на СКРМ на дописот до медиумите од претседателот на СО на вработените во Министерството за култура при УПОЗ, Бранко Костовски

Скопје, 23 април 2024

Дописот на СО на Министерството за култура при УПОЗ, каде г-дин Бранко Костовски ултимативно, со закана за тужба и дефиниран рок од 48 часа, бара јавно извинување од претседателката на СКРМ заради наводно изнесени невистини, клевети и омаловажување го доживуваме како бирократско догматски обид за цензура и ограничување на слободата на говор.  Дописот има за цел спречување на СКРМ и во иднина да ја пренесува перцепцијата на вработените во институциите од културата за состојбите и однесувањето на Министерството за култура.

Сакаме да нагласиме дека говорот на претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, од протестот одржан на 19.04.2024 година не е нејзин личен став, туку тоа е гласот на вработените во институциите на култура и во него нема омаловажување, нема невистини, ниту пак клевети, туку има метафори преку кои СКРМ го искажува својот револт кон дејствата на одредени службеници кои по секоја цена, еднаш годишно го опструираат Колективниот договор за култура и создаваат антагонизам меѓу Министерството и СКРМ. Говорот во суштина е генерален став на членовите на СКРМ, креиран како резултат на серија негативни искуства кои не произлегуваат од соработката или комуникацијата со министрите за култура,  туку директно од дејствувањето на поединци вработени во самото Министерство. Најмало пребарување на интернет архивите за историјата на нашите реакции ќе ви покаже дека судирите секогаш настануваат кога треба да се почитуваат правата на вработените во културата согласно Колективниот договор, и поготово кога треба да се зголеми платата согласно зголемувањето на минималната плата на ниво на држава. Како најболно искуство ќе го издвоиме моментот кога Министерството за култура се обиде да ја спречи одложената примена на членот 65 од Колективниот договор, па така нѐ остави без плата и без здравствено осигурување скоро два месеци, во екот на Ковид пандемијата во 2020 година. Министерството буквално се обиде да го саботира договорот и да го одржи хаосот со платите кој со децении беше нормална состојба во културата. Причините на сите ни се јасни и секако не беа во прашање министрите, туку конкретно дејствата на службите на Министерството.

Впрочем и сега, традицијата се повтори како резултат на активностите на одредени службеници, кога  ветувањата и изјавите на министерката за култура прозвучеа како проваприлска шега и беа сосема различни од дејствата на Министерството за култура. Тука мораме да се поклониме и пред лавовската борба на претставниците од Министерството за култура на состанокот во Министерството за финансии, каде што по секоја цена се обидуваа да докажат дека на вработените во институциите од културата не им следуваат бенефициите од Општиот колективен договор за јавен сектор и истите треба да бидат преклопени со Колективниот договор за култура.    

Ставот на СКРМ во однос на платите на вработените во Министерството, како и на вработените во сите другите министерства, е дека тие се премногу ниски и дека мора да трпат корекции во нагорна линија. Поради тоа ја охрабруваме СО на Министерството за култура, заедно со другите членки на УПОЗ да се борат за измена на Законот за административни службеници и потпишување на Колективен договор за државни службеници (како јасно дефинирана категорија во споменатиот Закон).

Со одлука на Советот на СКРМ, ниту СКРМ, ниту претседателката на СКРМ Вера Атанасовска, нема да се извинуваат за генерален став, но секако дека во иднина, јавно ќе го признаме придонесот на вработените во Министерството за култура во оној момент кога ова Владино тело, согласно препораките на ЕУ, ќе се реформира во вистински јавен сервис, пред сѐ на граѓаните, а потоа на институциите и организациите кои се бават со различните дејности на културата.

 

Совет на СКРМ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан