• четврток, 26 декември 2024

Реакција на Синдикатот на Клинички центар во врска со продолжувањето на договорот за вработување на здравствените работници со наполнети 64 години

Реакција на Синдикатот на Клинички центар во врска со продолжувањето на договорот за вработување на здравствените работници со наполнети 64 години
Скопје, 29 јуни 2022 За Синдикатот на Клинички центар не се јасни причините поради кои Министерот за здравство и некои директори на јавни здравствени установи не го почитуваат Законот и не го продолжуваат договорот за вработување на некои здравствени работници, односно здравствени соработници кои наполниле 64 години возраст и имаат 15 години пензиски стаж се до нивна 67 годишна возраст, а кои претходно дале согласност работниот однос да им се продолжи. Основот за продолжување на работниот однос на здравствените работници и соработници, првично произлегува од измените и дополнувањата на чл.104 од ЗРО (Сл. весник број 151 од 6 јули, 2021 година), кои даваат можност за исклучоци од правилото дека работниот однос на работниците им престанува со навршување 64 години возраст и 15 години пензиски стаж заклучно со 30 јуни, 2022 година, доколку таквата можност е предвидена со посебен закон. Со цел имплементација на исклучоците предвидени во ЗРО и уредување на можноста за продолжување на работниот однос на здравствените работници и соработници, но најмногу до 67 години возраст, усвоени се и соодветни измени и дополнувања во Законот за здравствената заштита со воведувањето на новиот член 204-а (Сл. весник број 178 од 4 август 2021 година). Општествената оправданост на овие измени и дополнувања е повеќе од очигледна, имајќи ги во предвид постоечките состојби во здравството поврзани со обемот на работата и оптеретеноста на здравствените работници и соработници и хроничниот проблем на недостиг од квалификуван здравствен персонал, а сето тоа, во врска со потребата за обезбедување непрекината, континуирана и квалитетна здравствена заштита. Се работи за високостручен и дефицитарен кадар кој е исклучително значаен дел во функционирањето на здравствениот систем. Со овие вработени се обезбедува континуитет во стручната дообразба на младите здравствени работници и соработници и се обезбедува повисоко ниво на здравствена услуга. Истовремено, како наставен кадар придонесуваат во научната едукација на здравствените работници и соработници. Според ставот 1 на членот 204а од Законот за здравствената заштита кој ја уредува оваа проблематика за здравствените работници и соработници е утврдено дека „заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст“, а ставот 2 од членот 204-а од Законот за здравствената заштита (ЗЗЗ) утврдува дека „одлуката на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник и здравствениот соработник, ја потврдува министерот за здравство.“. Од ова произлегува дека право на продолжување на работниот однос до најмногу 67 години возраст имаат сите здравствени работници и соработници, од сите јавни и приватни здравствени установи кои ги исполниле условите за престанок на работниот однос согласно прописите од работните односи. Единствен предуслов за остварување на ова право е давањето претходна согласност за продолжување на работниот однос упатено до работодавачот, односно директорот на здравствената установа во која е вработен работникот. Давањето претходна согласност на работникот има правна природа на еднострана изјава на волја за продолжување на работниот однос, која согласно наведениот член го обврзува работодавачот да донесе полноважна одлука за продолжување на работниот однос на здравствениот работник или соработник најмногу до 67 години, а начинот на кој е формулирана одредбата го обврзува министерот за здравство да ја потврди позитивната одлука донесена од страна на работодавачот. Ниту членот 204-а од ЗЗЗ, ниту пак било која друга законска одредба не им дава право на директорите на здравствените установи и на Министерот за здравство со било каква постапка да го прекинат работниот однос на здравствениот работник или соработник, кој претходно дал согласност за продолжување на работниот однос најмногу до 67 години возраст. Секое поинакво толкување на членот 204-а од ЗЗЗ, се смета за постапување спротивно на законот и ќе предизвика основ за поведување постапка за заштита на правото на работникот во согласност со закон. Министерот за здравство и директорите на здравствените установи треба да ја претпостават можната финансиска импликација врз Фондот за здравствено осигурување во случај на поведување поединечни и колективни тужби од страна на засегнатите здравствени работници и соработници, како и за последиците во пружањето на квалитетна и континуирана здравствена услуга на граѓаните. Синдикатот на Клинички центар ќе застане во заштита на правата на своите членови доколку истите им бидат нарушени поради несоодветна примена на законските одредби поврзани со продолжување на нивниот работен однос согласно Законот. Извршен одбор на Синдикатот на Клинички центар ————————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан