• вторник, 24 декември 2024

Реакција на МНР на интервјуто на Лавров: Одлуките за членство во меѓународни сојузи Северна Македонија ги носи водена исклучиво од сопствените интереси

Реакција на МНР на интервјуто на Лавров: Одлуките за членство во меѓународни сојузи Северна Македонија ги носи водена исклучиво од сопствените интереси
Скопје, 23 јули 2022 (МИА) - Од стекнувањето на независноста на Република Северна Македонија постои силно меѓуетничко и надпартиско единство за членство во Европската Унија, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во врска со интервјуто на шефот на руската дипломатија на „Наше Кино“, оценувајќи дека во него земјава се споменува „во неприфатлив контекст“. - Нашето Собрание пред повеќе од 30 години донесе едногласна одлука за ваквата надворешно-политичка ориентација на земјава. Таквите одлуки за зачленување во меѓународни сојузи, како и секоја друга суверена држава ги донесуваме водени исклучиво од сопствени интереси со поддршка од најголемиот број на граѓани. Во изминатите години сите политички чинители даваа значаен придонес во имплементација на ваквите стремежи, се посочува во соопштението. МНР нагласува дека денес земјава е полноправна членка на НАТО и заедно со нашите сојузници целосно е посветена на зачувување на меѓународниот мир и безбедност, при што најостро се спротивставува на сите кршења на меѓународното право, каков што е случајот со агресијата врз Украина. - Истовремено постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави со цел мешање во нашите внатрешни работи, се посочува во соопштението. Според МНР, во интервјуто на Лавров се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ- ОА за промовирање на своите геополитички ставови. - Овој историски настан никој не смее да го присвојува како свој успех, особено не оние кои прикриено се противеа на ваквиот чин, се потенцира во реакцијата на МНР. Лавров во интервјуто за руската онлајн телевизија „Наше Кино“ тврди дека ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра и дека „има впечатлива разлика меѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари под принуда од Брисел, ЕУ, НАТО“. Според него, земјава го промени името во Северна Македонија за да влезе во ЕУ, но „не беше примена и нема да биде примена во скоро време“, а наместо била „вовлечена“ во НАТО и „да ги подгрева русофобични чувства и агресивната политика кон Руската Федерација“. Шефот на руската дипломатија во интервјуто се осврнува и на одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) за евхаристичко единство со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, оценувајќи ја како позитивна и мудра. - Со тоа се овозможува повторно воспоставување на евхаристичко единство и со Руската православна црква, за што сме ние заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието, вели Лавров. сп/

Остани поврзан