• недела, 24 ноември 2024

Реакција на Министерството за транспорт и врски на прес-конференцијата на градоначалникот Јорданов

Реакција на Министерството за транспорт и врски на прес-конференцијата на градоначалникот Јорданов

Штип, 15 февруари 2023 (МИА) - По денешната прес-конференција на штипскиот градоначалник Иван Јорданов за неасфалтирање на три улици во штипската населба Автокоманда од фирма која е избрана од Министерството за транспорт и врски, од ресорното министерство наведуваат дека има обезбедено средства и дека се исплатени сите фактури кон изведувачот, а понатаму процесот на градење е предаден на надзорниот орган и изведувачот.

-Очигледна е нервозата на најнеуспешниот градоначалник Јорданов поради слабата работа во општината, па наместо да работи за подобрување на условите за живот на штипјани, се слика секојдневно и ја кртикува централната власт која му дава силна финансиската поддршка за реализацијата на капиталните проекти во Штип. Срамно е кога се вршат градежните работи да го гледаме како се слика со механизацијата која е ангажирана од Министерството за транспорт и врски, а потоа да изигрува жртва и да го критикува министерството, стои во соопштението на Министерството за транспорт и врски.Во писмената реакција се наведува дека Министерството за транспорт и врски било подготвено да ја започне реконструкцијата на улиците уште во јуни минатата година, но поради доцнењето на Општината со подземната иснталација, реконструкцијата започнала дури четири месеци подоцна.

-Градоначалникот да им се извини на штипјани и да ја информира јавноста дека овој проект ќе беше завршен пред почетокот на зимските месеци доколку општината си ги завршеше на време обврските со подземната инсталација, се вели во соопштението.

Посочуваат дека оваа Влада преку Министерството за транспорт и врски и понатаму останува најголем инвеститор во општина Штип, каде се реализираат капиталните проекти со кои значително се  подобруваат  животните услови на Штип и околните населени места. Ги наведуиваат проектите кои се реализирани, како што се експресните патишта Штип-Кочани, Штип-Радовиш, изградбата на брана на река Отиња, повеќе улици, изградба на цевковод во населбата Македонка и други проекти. вдј/мд/

Остани поврзан