• четврток, 26 декември 2024

Реакција на Македонско археолошко друштво на предлог измената на Законот за заштита на културното наследство

Реакција на Македонско археолошко друштво на предлог измената на Законот за заштита на културното наследство

Скопје, 8 април 2023

Македонското археолошко друштво, археолошка фела и стручните лица во установите за заштита на културното наследство во текот на вчерашниот ден останаа целосно вчудоневидени од дрскиот Предлог на група пратеници во Собранието на РС Македонија за дополнување на Законот за заштита на културното наследство кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка. Ваквото законско решение е изработено без вклучување и консултирање на стручната јавност.

Очигледно е дека со предложеното додавањето на еден став во член 65 од Законот се прави обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита. Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: „Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола)‟.

Апсурдот да биде поголем, понатамошното образложение на Предлогот гласи: „Меѓутоа, нивната реализација може да се соочи со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи‟, па господата пратеници измислиле „решение со кое го надминуваат проблемот‟, а кое е надвор од секакво здраворазумно однесување на совесни граѓани на оваа држава, уште помалку на пратеници.

Господата пратеници, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и се остварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок. Оттука не смеат да се дозволат било какви отстапки и законски процедури со кои остава простор за уништување на културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратешкиот интерес.

Во името на Македонското археолошко друштво и целокупната стручна фела го повикуваме пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратениците предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации. Воедно апелираме до пратениците во Собранието на РС Македонија да ја разбудат својата свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство.

За шверцерскиот обид со кој би се легализирало уништувањето на културното наследство Македонското археолошко друштво ги извести сите политички фактори во државата, претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните институции за заштита на културното наследство.

Воедно, ја известуваме јавноста дека во понеделник, 10.04.2023 година, во 10 часот, пред Собранието на РС Македонија, Македонското археолошко друштво јавно ќе го искаже својот револт од Предлогот на пратеничката група за измени во Законот. Поканети се претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, установите за заштита, медиумите и сите засегнати граѓани.

Македонско археолошко друштво 

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА Архива

Остани поврзан