• четврток, 26 декември 2024

Реакција на Бошњачки демократски сојуз на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски 

Реакција на Бошњачки демократски сојуз на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски 

30 април 2024 
 

Претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за емисија емитувана вчера на Македонската радио-телевизија коментирајќи ги актуелните политички состојби и предизборните коалции изнесе тврдења кои не ја одразуваат вистината и претставуваат класична манипулација со јавноста. „Можам да кажам дека сите овие коишто се таму кај ДУИ во коалиција претходно доаѓаа во ВМРО-ДПМНЕ, сакаа да бидат дел од колацијата „Твоја Македонија“, но од определени причини ние не ги прифативме и најдоа прибежиште таму каде што најдоа“, рече Мицкоски говорејќи во интервјуто, прашан за коалициите. Поради ова неточно изнесено тврдење сакаме јавноста да ја запознаеме со факти и вистина при што нагласуваме дека ние како политичка партија која со години се бори за остварување на правата на Бошњаците и подобрување на нивната севкупна состојба во општеството, во текот на предизборниот период оствари средби со повеќе политички субјекти со кои на нивно барање разговараше за можна соработка и коалции. Една од тие партии која појави интерес за средба со нас и можност за коалиција беше токму ВМРО-ДПМНЕ. За волја на вистината на нашето барање да имаме кандидат за пратеник на листата за пратеници во таа можна коалиција, ВМРО-ДПМНЕ одговори негативно, без некое суштинско образложение. Со оглед дека сме политичка партија која во континутите работи на унапредување на животот на Бошњаците, но и сите граѓани, нашата тенденција е да имаме наш претставник во Собранието, што е одраз на потребите на нашиот народ. Затоа, Бошњачкиот демократски сојуз е дел од Европскиот фронт кој по структура е мултиетнички и претставува коалиција која ги одразува интересите на граѓаните од сите заедници во неа, вклучувајќи ги и Бошњаците. Веројатно, нашиот потенцијал како коалиција во која членуваат политички партии на повеќе етнички заедници, чии политички претставници се автентични и не се формирани по диктат на било која друга политичка сила, туку се одраз на потребите на нашиот народ, им пречи на оние кои сакаат да работиме според нивни правила, услови и уцени. Ние како Бошњачки демократски сојуз тоа не го прифаќаме. Време е ние да бираме и да бидеме бирани. Затоа, господине Мицкоски ве молиме во интерес на точно информирање на јавноста да не изнесувате невистини со цел креирање погрешни перпеции, а само заради ситни дневно политички поени. Бавете се со политика, а не со политиканство.

Со почит,

Бошњачки демократски сојуз 

___________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан