• среда, 18 декември 2024

Реакции по текстот во „Катимерини“ за обиди за прикривање одговорност за пожарот пред две години

Реакции по текстот во „Катимерини“ за обиди за прикривање одговорност за пожарот пред две години
Атина, 20 јули 2020 (МИА) - Веќе јасно изгледа дека постоел обид за прикривање, рекол грчкиот премиер Кирјакос Мицотакс во разговор со неговите соработници, а од опозициската СИРИЗА истакнуваат дека „реалноста е дека немаше и не можеше да има интервенција во истрагата за Мати“. Политички реакции во Грција предизвика текстот во „Катимерини“ под наслов „Криминал и прикривање“, посветен на катастрофалниот пожар во Мати во 2018 година кога живтот го загубија 102 лица, во кој опширно преку судски документи и сведоштва, „открива како овие две години некои се обидоа да постават пречки во судскиот процес со единствена цел да се скријат дела и пропусти кои доведоа до трагедијата“, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис смета дека е неопходно да се расчисти случајот, а од СИРИЗА велат дека Нова демократија уште еднаш се обидува да ја искористи трагедијата. - Сето она што се открива е морничаво. Веќе јасно изгледа дека постоел обид за прикривање. Неопходно е да се разјасни случајот до крај и да се преземе одговорност. Тоа го должиме за сеќавањето на жртвите, рекол Мицотакис во разговор со неговите соработници. - Господинот Мицотакис во моментите додека се наоѓа во Брисел и остава уште една битка за поддршка на грчката економија да биде загубена, наводно се вознемири од она што беше откриено и повторно говори за одговорности. Но, тоа е истиот човек кој минатиот септември од Самитот на ОН говореше за катастрофален пожар што се должи на климатските промени, соопштуваат од СИРИЗА и истакнуваат дека „немало и не можеше да има интервенција во истрагата за Мати“. Поранешниот началник на противпожарната служба на Грција, кој според објавеното во „Катимерини“ барал од вештакот да скрие податоци, говорејќи за грчката телевизија ЕРТ, демантира било каква вмешаност или интервенција во вештачењето. Поранешната министерка за цивилна заштита на Грција од редовите на СИРИЗА, Олга Геровасили која без да биде именувана се споменува во дијалозите што ги објавува „Катимерини“, според грчките медиуми ќе поднесе тужба против весникот. Како што вчера објави МИА, „Катимерини“ го пренесе разговорот на тогашниот началник на противпожарната служба Василис Матеопулос и вештакот од противпожарната служба Димитрис Лиоцис, кој треба да истражи што точно се случило во Мати и пишуваше дека вештакот бил под закани и уцени и од него било побарано да скрие податоци. ср/гт/

Остани поврзан