• среда, 15 јануари 2025

Реакции во Србија на предлогот на Вучиќ за референдум

Реакции во Србија на предлогот на Вучиќ за референдум

Белград, 14 јануари 2025 (МИА) - Откако српскиот претседател Александар Вучиќ ја повика опозицијата да побара одржување на т.н. советодавен референдум за претседателот, за да се утврди поддршката што ја има меѓу граѓаните, реагираа политички партии и јавни личности.

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, како што најави, утре ќе поднесе 100 потписи од пратениците од владејачкото мнозинство за одржување советодавен референдум за доверба на претседателот Вучиќ.

Душан Вучиќевиќ, вонреден професор на Факултетот за политички науки во Белград, за порталот N1 изјави дека според Уставот на Србија, не постои опција во која претседателот на Републиката ќе биде заменет со советодавен референдум.

Во објава на Инстаграм профилот buducnostsrbijeav, Вучиќ изјави дека ЦРТА (Центарот за истражување, транспарентност и одговорност) објави дека огромно мнозинство граѓани се за негова смена.

Претседателот на Народното движење на Србија (НПС), Мирослав Алексиќ, изјави дека најавата на претседателот Вучиќ за советодавен референдум претставува обид за излез од кризата и рече дека неговата партија „нема да учествува во тоа шоу“.

„Александар Вучиќ не е тема. Никој не поставил советодавен референдум како барање, ниту опозицијата, ниту студентите“, изјави Алексиќ за Бета.

Тој додаде дека е очигледно дека човекот (Вучиќ) не може да поднесе тоа што не е во центарот на вниманието и дека никој нему не му се обраќа, бидејќи тој е егоистичен нарцис, кој се занимава само со себе додека ги тепаат студентите на Правниот факултет, кои синоќа завршил во Ургентниот центар.

Копретседателот на Зелено-левичарскиот фронт Радомир Лазовиќ оцени дека предлогот на Вучиќ е игра.

„Оваа претстава во која тој наводно предава 100 потписи и бара нешто од опозицијата има за цел да ја манипулира јавноста. Ако навистина се грижи за тоа што мислат граѓаните, можеше да види во истата анкета на ЦРТА дека луѓето не го гледаат референдумот како излез од кризата“, рече Лазовиќ.

Според него, само исполнувањето на барањата на студентите ќе доведе до крај на кризата.

Лидерот на Движењето „Тргни - промени“, Саво Манојловиќ оцени дека предлогот на претседателот Вучиќ да се организира советодавен референдум за негов импичмент е „очајнички обид да се одвлече вниманието од студентските протести“.

„Смешно е дури и да се помисли дека референдумот може да биде одговор на прашањата што ги поставуваат студентите. Ова е само обид да се биде во центарот на вниманието, додека младите наместо одговори добиваат игнорирање и манипулација“, се вели во изјавата на Манојловиќ.

Тој додаде дека студентите на протестот бараат одговор на прашањата кој е виновен за 15-те загинати во несреќата на Железничката станица во Нови Сад и каде исчезнале 65-те милиони евра за реконструкција на тој објект.

„Ова не се прашања за референдум, туку за обвинителството и одговорните институции“, додаде тој, оценувајќи дека е неопходно власта да престане да ја пренасочува темата и да одговори на суштинските прашања.

Пратеникот и претседател на партијата „Србија центар“ („СРЦЕ“), Здравко Понош изјави дека предлогот на Вучиќ за организирање советодавен референдум е фарса и обид да се оттргне вниманието од студентското и општонародниот бунт. Понош за агенцијата Бета изјави дека Вучиќ би сакал да организира неуставен советодавен референдум бидејќи не може да го контролира бунтот на студентите и народот и не може да толерира да не биде во центарот на вниманието. рп/

Остани поврзан