• вторник, 24 декември 2024

Реакторот во јапонската нуклеарна електрана Онагава исклучен веднаш по рестартот

Реакторот во јапонската нуклеарна електрана Онагава исклучен веднаш по рестартот

Токио, 3 ноември 2024 (МИА) - Реакторот во нуклеарната електрана Онагава во североисточниот дел на Јапонија е исклучен само неколку дена по неговото повторно стартување.

Овој реактор е од истиот тип како оштетените реактори во Фукушима, во регионот кој беше погоден од земјотрес и цунами во 2011 година. Операторот „Tohoku Electric Power“ изјави дека не се потврдени никакви абнормалности во реакторот број 2 во нуклеарната електрана Онагава во префектурата Мијаги, но е потребно да се направат дополнителни проверки, пренесе агенцијата Кјодо.

Реакторот број 2 беше приклучен во вторникот во групата од десетина реактори во Јапонија кои повторно беа активирани откако ги исполнија построгите безбедносни стандарди воведени по несреќата во Фукушима, која беше предизвикана од земјотрес и цунами што ги разори крајбрежните области, вклучително и префектурата Мијаги.

„Tohoku Electric Power“ планираше денеска повторно да започне со производство и дистрибуција на електрична енергија, но одлучи да го одложи тоа поради неможноста да се постави уред за подесување на неутронскиот детектор во реакторот. Уредот беше рачно отстранет и вратен во заштитен контејнер.

Компанијата најави дека ќе истражи зошто се случил инцидентот и ќе одлучи кога ќе продолжи производството на електрична енергија. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан