• среда, 25 декември 2024

Рашковски за „Софтвери“: Кај мојот патент камерите може да бидат во движење, а кај софтверот набавен од Владата треба фиксно зададена рута

Рашковски за „Софтвери“: Кај мојот патент камерите може да бидат во движење, а кај софтверот набавен од Владата треба фиксно зададена рута

Скопје, 14 март 2023 (МИА) - Без да навлегувам во доказната постапка, на европско континентално ниво не може да патентирате софтвер за следење на просечна брзина. Спецификата на мојот патент е дека камерите, односно уредите кои треба да ја детектираат просечната брзина ќе бидат во движење и може да се стават на полициско возило или автобус, додека кај софтверот набавен од Владата треба да има фиксно зададена рута, изјави екс генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, на денешното рочиште за случајот „Софтвери“.

Рашковски, појасни дека иновативноста на неговото барање за патент е полициско возило да може да се движи и забележи предметно возило на една локација, а потоа истото возило ако биде регистрирано од друго полициско возило на друга локација, врз основа на тоа да се одреди просечна брзина на движење.

- Она што е предмет на набавка и може е мој пропуст, е името и насловот - софтвер за одредување просечна брзина на движење на возила, но софтверот има други 13 функционалности, кои се различни, како што е поминување на црвено светло, рече Рашковски.

Околу функционалноста на софтверот, Рашковски рече дека прво тестирање е направено кон средината на 2020 година, а потоа е тестиран по примопредавањето.

- Правевме тестирање во април, мај, јуни.. и ги има логовите, кои се во софтверот во Влада. За опсежна анализа потребно е минимум една година, но треба да се знае дека тоа беше и период на пандемија и резултатите немаше да бидат веродостојни, рече Рашковски.

Понатаму, според Рашковски, предлогот до Влада бил софтверот да биде ставен на камерите на „Сејв сити“ и да заживее, но до тоа не дошло.

Според него, идејата за патентот да се вклопи во софтверското решение нема да профункционира никогаш, затоа што софтверот ако регистрира придвижување на уредите ќе алармира, како заштита од кражба и слично, додека идејата во патентот е токму спротивна, уредите да се движат.

- Техничката спецификација е направена од мене. Тоа не е нешто што е направено за да ограничува. Толку е просто направено што не ограничува ниту со софтвер или спецификација. Овде нема по ниту еден основ ограничување на спецификацијата, изјави Рашковски.

Прашан зошто е извршена оваа јавна набавка, Рашковски рече дека таа е предвидена во годишниот план и согласно правилата на буџетирање.

- За ниту една од постапките. Во трите постапки за јавни набавки не се пожали ниту една од трите пријавени фирми. Дури ни на последната, кога беше избрана фирма, нагласи Рашковски.

Прашан дали софтверот е ставен во функција, Рашковски рече дека во април 2020 година софтверот е имплементиран и за тоа постојат логови во Влада и дека затоа барале како доказ во судот да биде донесен и изведен серверот на кој се наоѓа.

Во однос на системот за биометриска идентификација, чија набавка исто така е предмет на овој судски случај, Рашковски рече дека инспирацијата за таква набавка дошол од тоа што во Владата имало луѓе кои доаѓаат се регистрираат и себе и други дека се на работа.

- Биометријата не може да ја излажете дека сте на работа, рече Рашковски.

Тој истакна дека системот е ставен во функција и вршени се тестирања, но поради пандемијата и ограничувањата, кабините кои биле изработени и требало да бидат доставени, не можеле да ги стават за луѓе да се регистрираат во една иста кабина, а поради нивната специфика ниту можеле да бидат ставени во гаража.

Прашан дали е исплатливо да се биде на функцијата генерален секретар, Рашковски рече дека ако се видат неговите даночни пријави пред да биде на функција пријавувал приходи и хонорари од 2 до 3 милиони, од кои дел поради функцијата морал да го откаже, со што и даночните пријави откако е на функција се многу помали.

 Прашан дали од денешна гледна точка дали би ги направиле овие јавни набавки, Рашковски одговори потврдно, додавајќи дека нема подобра работа од тоа да се користи техниката за да си го олесниме животот.

Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Маја Конеска.

На денешното рочиште заврши изведувањето на материјалните докази од одбраната, а на предлог на одбраната на Драги Рашковски, тој даде исказ пред Судот.

Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“ од Кривичниот законик. аа/сп/

Остани поврзан