• недела, 24 ноември 2024

Рашиќ: Парадоксално звучи, но јас и семејството сме побезбедни во Косово одошто во Србија

Рашиќ: Парадоксално звучи, но јас и семејството сме побезбедни во Косово одошто во Србија

Приштина, 2 октомври 2023 (МИА) – Косовскиот министер за заедници и враќање Ненад Рашиќ во синоќешното интервју за босанскиот медиум „Истрага“ изјави дека тој и неговото семејство се чувствуваат побезбедни во Косово отколку во Србија.

Како што пренесоа медиумите во Приштина, политичарот од редовите на српската заедница во Косово го цитира и убиениот косовско-српски политичар Оливер Ивановиќ, дека Србите на север „немаат проблем со Албанците, туку имаат проблем со (партијата) Српска листа и со владата во Белград“.

Запрашан од водителот на емисијата „Хајат“ на „Истрага“ дали тој, како Србин, и неговото српско семејство, се чувствуваат побезбедно во Косово отколку во Србија“, Рашиќ одговори: Колку и да звучи тоа чудно и парадоксално, така е... Како што еднаш, покоен, Оливер Ивановиќ рече: Србите на северот на Косово немаат проблем со Албанците, туку имаат проблем со Српска листа и со владата во Белград.

Српска листа е најголема партија на косовските Срби, која е отворено поддржана и во постојана координација со официјален Белград и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари 2018 година во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија - Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда. Еден од главните осомничени за неговото убиство е досегашниот потпретседател на СЛ Милан Радојичиќ, кој поднесе оставка од партиската функција откако се објави - и ја презеде одговорорноста - дека бил на чело на групата Срби кои на 24 септември извршија напад во Бањска, во северно Косово, при што загина еден косовски полицаец и тројца од напаѓачите. иа/ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан